Економија

МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ И КОМПАНИИ ТРИ ДЕЦЕНИИ ЧЕКААТ НА ЗАОКРУЖУВАЊЕ НА ГАСОВОДНАТА МРЕЖА

Митко Јовановски

08.11.2024г

ГАСНА ЕНЕРГЕТСКА ТРАНЗИЦИЈА- СО ПОЧЕТОК НО БЕЗ ВИДЛИВ КРАЈ

Процесот на гасификацијата во нашата земја е почнат пред триесетина години и тој се уште не е целосно завршен. По  започнувањето на  неколку „инвестициски циклуси“ за забрзување на изградбата на магистралната и дистрибутивната  мрежа во земјата, неодминлив е впечатокот дека оваа гасна енергетска транзиција се одвива со забавено темпо. Покрај значителните инвестиции и изградбата на магистралните гасоводи, дел од нив не се во функција. Граѓаните во поголемите урбани центри, како Скопје и во други градови, како и компаниите, не можат да ги користат придобивките од сегашната  дистрибутивната мрежа која е  недоволно развиена. Пред надлежните институции остануваат многу неодговорени прашања за тоа кога се планира да се изградат сите планирани магистрални водови, дали конечно ќе почне изградбата на интерконекторот кон Грција, како и за тоа каков ќе биде моделот за изградба на дистрибутивната мрежа и кога би почнала нејзината изградба?  

Во моментот се работи на тендерот за изградба на Гасен интерконектор со Грција, кој ќе биде од големо значање за подобро поврзување на земјата на регионалните и глобалните мрежи за транспорт на природниот гас. Со гасоводното поврзување со нашиот јужен сосед ќе имаме пристап до гасоводот ТАБ, преку кој се транспортира природниот гас од Азербејџан. Тоа ќе се овозможи поголем и директен пристап до овој еколошки енергент, велат од Регулаторната комисија за енергетика.

-        Ние и сега можеме да добиваме азарбејџански гас од гасниот коридор од Бугарија, преку Грција, но тоа ќе ги зголеми трошоците за испорака на гасот. Со директно интерконекторско поврзување со Грција  ќе се овозможи диверзификација на изворите со гас за нашата земја. Дополнително интерес покажуваат и Србија и Косово, со што ќе имаме и поголема искористеност од реализацијата на овој проект,  вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Во овој момент се одвива проширување на главните гасоводни коридори во земјава кон главните потрошувачки центри на природен гас. Со изградбата на магистралниот  гасоводот во земјата се планира да  бидат „гасоводно“ поврзани градовите Битола, Прилеп, Кавадарци и Гостивар. Очекувањата од Регулаторната комисија за енергетика се дека со заокружувањето на магистралната гасоводна мрежа, Владата ќе распише и тендер за дистрибутивна мрежа за да може гасот да пристигне и до домаќинствата и другите потрошувачи.

-        За развој на дистрибутивната мрежа на гасот, интерес покажаа турските компании. Заради побрзо нивно прифаќање, како регулаторно тело за енергетика ја променивме и методологијата за изградба на нови дистрибутивни  мрежи во земјава. На инвеститорите им гарантиравме годишен профит од осум отсто, но заинтересираните компании имаа и други нелогични барања кои не можевме да ги прифатиме и беа надвор од стандардите пропишани со методологијата. Од другата страна, беше побарано во пресметката на профитната стапка да влезе и инфлацијата, која веќе беше прифатена при пресметката на трошоците за цената на дистрибуираниот гас до потрошувачите. Не можевме да прифатиме на две места да се пресметува инфлацијата, бидејќи методологијата не го дозволува тоа, појаснува Бислимовски.

Во однос на прашањето колку Регулаторната комисија за енергетика можела да влијае преку политиката за цени на гасот, со што граѓаните и компаниите би се насочиле кон користење овој енергент и би се откажале од користењето на струјата која се добиваше претежно од термоелктраните во земјата, Бислимовски вели дека тоа ќе се овозможеше доколку потенцијалните инвеститори се одлучеа да ја прошируваат дистрибутивната мрежа.

-        Со приклучувањето на повеќе потрошувачи ќе беа и помали трошоците за дистрибуција на гасот. Во нашите претходни преговори со турските компании  дојдовме до тоа цената за единечен приклучок на домаќинство да биде под сто евра. Секако ова има и други трошоци за користење на гасот во домаќинствата, со набавка на опрема, котли, монтажа, која реално би чинела неколку илјади евра. Но беше разгледан и моделот што го применуваа телекомуникациските компании за привлекување на нови потрошувачи, со давање на можност на исплата на инвестицијата на 60 месечни рати. Ова ќе беше незначителна сума  во месечните сметки на граѓаните за користење на гасот. Реално ако гледаме, и цената на топлинската енергија која ја добиваат скопјани со користење на гасот е исклучително поволна  доколку се користеа други извори за загревање на топланите, вели Бислимовски.

Примената на гасот во производството на електрична енергија од капацитетите на РЕК Битола ќе биде економски поисплатлива и за домашните компании, кои доколку извезуваат во Европската Унија, нема да бидат обрзани да го плаќаат и данокот за емисија на СО2, кој е предвиден со примената на механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (ЦВАМ), а кој за нашата земја почнува да се применува од 1 јануари 2026 година.

-        Домашните извозни компании ќе бидат изложени на дополнителен трошок за набавката на струја поради давачката за СО2. Со истиот проблем се соочуваат и Босна и Херцеговина, Србија и Косово кои користат енергија добиена од јаглен.  Од ЕУ ни велат дека нивните компании го плаќаат овој надомест за емисија на штетни гасови и ги прават неконкурентни нивните компани. Затоа, ќе мора и нашите компании да плаќаат за СО2 доколку извезуваат на европски пазар. И РЕК Битола доколку продолжи со производство на струја од јаглен и која ќе ја пласира на домашен пазар ќе мора да ја вкалулира во цената. Во Министерствотo за енергетика е направена работна група која ќе ги разгледа моделите како да се направи попристапна примената на овој механизам од Европската Унија, вели Бислимовски.

Од Регулаторната комисија очекуваат дека со диверзификацијата на изворите за снабдување со гас и преку Грција, ќе дојде до поголема конкуренција меѓу главните дистрибутери на природен гас и со тоа ќе се влијае и на намалување на цената по која ќе се испорачува за македонските корисници. Прогнозите на првиот човек на РКЕ се дека за две до три години ќе дојде до заокружување на главниот гасоводен систем, далеку пред 2050 година кога се планира замена на користењето на гасот со водород. Затоа, со изградбата на главните коридори се поставуваат цевки со поголема дебелина за да можат во иднина да се користат и за дистрибуција на водородот како нов еколошки енергент, за што се прават и поголеми подготовки во земјите од Европската Унија.  

Македонската влада во март годинава обезбеди заем од 98,6 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), за да ја заокружи финансиската конструкција за реализација на проектот за изградба на Гасен интерконектор со Грција. За реализација на проектот обезбедени се 28,9 милиони евра заем од Европската инвестициска банка (ЕИБ), 12,7 милиони евра грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ и 98,6 милиони евра од ЕБОР.

Со проектот е опфатена изградба на интерконекторот со Грција (66 км) и двете делници Гостивар – Кичево (34 км) и Свети Николе – Велес (28 км).  Имплементатор на проектот е Номагас АД Скопје.

Во моментов, во тек е тендерската постапка за изградба на интерконективен гасовод со Грција, подготвен за водород ("hydrogen ready"). Завршувањето на проектот се очекува при крај на 2027 година. Оваа интерконекција, заедно со планираните интерконекции со Србија и Косово,како и изградба на нови когенеративни постројки ќе овозможи Северна Македонија да го зајакне енергетскиот капацитет и да се приближи кон целосна енергетска независност и сигурност во Југоисточна Европа. 

Гасификацијата е клучен столб во стратегијата за енергетска транзиција и е еден од приоритетите на нашата држава, ни изјавија од НОМАГАС АД Скопје, во врска со прашањето  за тоа како се одвива процесот на гасификација на Република Северна Македонија и кога се планира да се изградат сите планирани магистрални бодови (кон Кичево, Охрид, Србија, Косово). 

- Во моментот, Република Северна Македонија има една интерконекција со Бугарија, што ја ограничува достапноста на природен гас. Затоа, преку НОМАГАС, се спроведува стратегијата за интерконективно поврзување, со соседните земји и гасификација на државата односно снабдување со природен гас од други извори. Со интерконетивното поврзување со Грција исто така ќе се подобри сигурноста и стабилноста во снабдувањето со овој енергенс. Ова ќе овозможи природниот гас да стане достапен и за индустријата и за домаќинствата, со развој на дистрибутивната мрежа, велат од НОМАГАС.  

Националните гасоводи за 2024 година вклучуваат завршени делници Скопје-Тетово-Гостивар и Неготино-Битола. Делницата Св. Николе-Велес е во фаза на проектирање, исто како и делницата Кичево-Охрид. За делниците Гостивар-Кичево и Битола-Охрид е предвидено наскоро да отпочне проектирањето. Интерконекциите за 2024 година вклучуваат интерконективен гасовод со Грција, за кој моментално е во тек тендерска постапка за почеток на градба. Исто така, е во изработка физибилити студија за интерконективен гасовод со Србија, кој вклучува и целосна ЕСИА студија за имплементација на водород.

Поради изборниот период во 2024 година, плановите и програмите на НОМАГАС претрпеа одредени застои, но продолжуваме со реализација на поставените цели. 

Владата разгледува  и неколку модели за изградба на дистрибутивната мрежа, вклучувајќи јавно-приватно партнерство, концесии и привлекување стратешки инвестиции. Секоја опција се разгледува со цел да се обезбеди оптимална распределба на ресурси и најдобра услуга за граѓаните и индустријата.  

Во врска со подготовките за  применување механизмот за јаглеродно гранично прилагудување на ЕУ, од НОМАГАС нагласуваат дека со трансформацијата на РЕК Битола, се планира да се  замени јагленот и нафтата со природен гас, што ќе доведе до значително намалување на емисиите на стакленички гасови – дури до 50%.

- Природниот гас, иако не е обновлив извор, е ниско-јаглероден енергенс што го поддржува националниот ангажман за намалување на јаглеродниот отпечаток во согласност со Парискиот договор. Оваа стратегија не само што ќе го намали влијанието врз животната средина, туку и ќе ја зголеми стабилноста и сигурноста на снабдувањето со енергија. Согласно нашите информации, РЕК Битола и ТЕЦ Неготино веќе се вклучени во плановите на ЕСМ за трансформација од јаглен/мазут на природен гас со можност за декарбонизација на истиот со водород до 20%, велат од НОМАГАС.

Со вака декарбонизираниот природен гас може да сметаме дека енергијата од ваквите централи се смета како зелена енергија, но во однос на деталите околу трансформацијата на наведените електрани, како што ни изјавија од НОМАГАС, надлежни за информации се од  ЕСМ.

 


 


Со овој текст, Економија и бизнис се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано