Економија
Домашното производство на храна во слободен пад
Маја Кадиевска Војновиќ | Авторот е поранешен вицегувернер на НБРСМ
Економија и бизнис | печатено издание | 01 ноември 2024г.
Во претходните колумни се задржав на еден од главните проблеми на македонската економија − инфлацијата, на факторите кои ја предизвикуваат и особено на цените на храната кои забележаа значајно зголемување во последниве три години. Заклучокот беше дека малопродажните цени на храната се под силно влијание на увозните цени на храната како што се и под влијание на движењето на продажните цени на домашната прехранбена индустрија и на земјоделството. Но, цените на храната во малопродажбата се зголемија повеќе отколку што диктираа домашното производство на храна и увозот на храна. Со тоа се потврди фактот дека трговските маржи се одржуваат на високо ниво заради остварување на висока профитна маргина, што ја нагласува потребата од строга примена на Законот за нефер трговски практики.
Ова системско решение треба да биде дел од лепезата на мерки за одржливост на цените. Но, суштината лежи во домашното производство на храна, т. е. во капацитетите на домашното земјоделско производство и во прехранбената индустрија. Клучното прашање е дали тоа се намалува, дали стануваме сѐ повеќе увозно зависни за храна, што во услови на растечки меѓународни цени на храната во континуитет ќе влијае врз инфлацијата.
Податоците се поразителни. Обемот на земјоделско производство во Македонија бележи континуиран пад четврата година по ред, започнувајќи од 2021 година наваму. Во првата половина на 2024 година, обемот на земјоделско производство е намален за 10,7 % во однос на истиот период лани. Бројот на вработени во земјоделството се намалува од 2015 година (вкупно девет години по ред), а како исклучок е првата половина од 2024 година кога има позначаен раст од 18,7 % на годишна основа1 или, за осумнаесет години, 2005 − 2023 година, поинтензивен раст на земјоделското производство има само во периодот 2007 − 2008 година, а на бројот на вработени во периодот 2013 − 2015 година. Генерално, заклучокот е дека земјоделството е во криза и покрај субвенциите кои ги обезбедува државата. Според официјални податоци од Државниот завод за статистика2, кумулативниот износ на субвенции за производи 2004 − 2022 година3 изнесува приближно 1,3 милијарди евра. Земјоделските субвенции за прв пат започнаа да се даваат на земјоделците во 2004 година, а поинтензивно од 2008 година како директни трансфери на средства од владите до земјоделците. Целта на субвенциите е да се поттикне домашното земјоделско производство, да се зголеми понудата на производи, да се одржи цената на домашното производство ниска и да се намали увозот. Но, целта не е постигната. Немаме раст на земјоделското производство, туку имаме пад, немаме намалување на домашната цена на производите, туку имаме раст, немаме намалување на увозот на земјоделски производи. Напротив, увезените количини растат. Така, добиточното производство е во тешка криза. Бројот на добиток и на живина, како и на домашното производство на месо во континуитет се значајно под нивото од 2005 година, а производството на млеко и на млечни производи, што се одржуваше на повисоко ниво од она во 2005 година, од ковид кризата наваму се намалува. Од друга страна, увезените количини на месо, на млеко, на млечни производи и на јајца имаат висок раст низ годините. Кај житарките, производството на пченка и на пченица е под просечното производство од 2005 година. Производството на зеленчукот и на овошје е над просечното ниво од 2005 година и стагнира, а истовремено количински увозот значајно се засилува.
Негативниот ефект од зголемената увозна зависност на храна силно ја почувствувавме со последните две кризи. Во услови на ниско домашно производство на земјоделски производи, скапиот увоз се рефлектираше врз малопродажните цени. Но, скапиот увоз (високите увозни цени) го намалија количински увозот на храна, што заедно со пониското домашно производство на земјоделски производи вршеше константен притисок врз малопродажните цени. Така, во 2021 и во 2022 година, кога дојде до значајно зголемување на увозните цени на храната, увезените количини се намалија (особено во 2022 година). Последните податоци од надворешната трговија покажуваат на стабилизација на увезените цени кај повеќето производи и на раст на увезените количини. Сепак, ниското количинско домашно производство на земјоделски производи ги одржува цените на повисоко ниво.
Негативни тенденции има и во прехранбената индустрија каде што обемот на производство се намалува од врвот постигнат во 2015 година, а особено од ковид кризата наваму. Бројот на вработени се намалува од 2016 година (со исклучок на 2018 година) и продолжи да се намалува во првите осум месеци на 2024 година (за 4,4 %). Сепак, позитивни сигнали има кај обемот на производство кој е повисок годишно за 6,3 % во однос на истиот период лани. За целиот период на анализа, во периодот 2005 − 2015 година, производството на домашната прехранбена индустрија имаше експоненцијален раст, со исклучок на 2009 и на 2013 година, кога беа светската финансиска криза и кризата во евро зоната, а бројот на вработените во тој период се одржуваше околу просекот од 2005 година.
Негативни тенденции во земјоделството и во прехранбената индустрија, особено од ковид кризата наваму, требаше силно да се следат и да се решаваат. Ова особено е значајно во услови кога увозот на храна континуирано поскапува. Имено, во последниве неколку декади сѐ погласни се тврдењата дека светот нема одржлив систем на храна. Главната причина е зголемената побарувачка за храна во свет кој денес брои околу 8 милијарди жители наспроти на пример 60-тите години од минатиот век кога броел 3 милијарди жители. Покрај растот на светската популација, факторите кои ги оптоваруваат системите за храна се поврзуваат и со урбанизацијата, со менувањето на моделите на потрошувачка, со климатските промени, со економските и со неекономските шокови (како воените конфликти, пандемиите), како и со растечкиот протекционизам (воведувањето на трговски рестрикции, вклучително и субвенциите). Од друга страна, пак, водата, храната и енергијата прават симбиоза која е клучна за одржливиот развој. Со растечката популација, расте и нивната побарувачка. Земјоделството е најголемиот потрошувач на светските слатководни ресурси, а повеќе од една четвртина од енергијата што се користи на глобално ниво се троши за производство и за снабдување со храна4.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ќе каже: „Нарушените системи за храна не се неизбежни. Тие се резултат на изборот што го правивме... Има повеќе од доволно пари за финансирање на ефикасни и на одржливи системи за храна за да го нахранат светот истовремено поддржувајќи пристојна работа за оние кои ја одгледуваат храната што ја јадеме.“
Цитатот на Антонио Гутереш ме поттика да се прашам: Дали Македонија низ годините изгради одржлив систем на храна?
Секоја држава треба да има одржлив систем за храна, т. е. да обезбеди сигурност за храна и за исхрана за сите по прифатливи (ниски) цени. Во земјоделската индустрија постои цела низа земјоделски субвенции дизајнирани да им помогнат на земјоделците, вклучувајќи директни плаќања за поддршка на пазарната цена, плаќања базирани на производ, плаќања базирани на користени инпути (за набавки на стоки, за поддршка на инвестиции) итн. За жал, нашите земјоделски субвенции не го дадоа посакуваниот ефект зашто субвенционираме површини на насади без притоа да се води сметка за нивниот принос или да се следи нивното производство. Немаме приоритет што се субвенционира и што треба да се постигне. Наместо мали шминки (грантен фонд или авансна исплата), редно време е за правилна и сеопфатна реформа со инклузивен пристап во повеќе области. На пр., климатски промени, стопанисување со води, енергетска транзиција и демографија. Да не останеме без плодна земја и без народ да ја обработува!
Извор за табели: ДЗС