Економија
НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА ЕКОНОМИЈА ЗА 2024 ГОДИНА: ВЛИЈАНИЕТО НА КВАЛИТЕТОТ НА ЕКОНОМСКИТЕ И ПОЛИТИЧКИТЕ ИНСТИТУЦИИ ВРЗ ЕКОНОМСКИОТ РАЗВОЈ
Владимир Филиповски | Авторот е професор на Економскиот факултет Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | 15 ноември 2024г.
Добитници на Наградата за економските науки на Шведската централна банка во сеќавање на Алфред Нобел за 2024 година се тројца економисти од два високопрестижни универзитети во САД – тоа се Дарон Аџемоглу и Сајмон Џонсон од Институтот за технологија на Масачусетс и Џејмс А. Робинсон од Универзитетот на Чикаго. Во официјалната објава на Кралската шведска академија на науките се вели дека тројцата нобеловци за економија за 2024 год. имаат дадено значаен научен придонес со нивните „студии за тоа како институциите се формираат и како тие влијаат врз просперитетот“. Всушност, нобеловците Аџемоглу, Џонсон и Робинсон ги ставаат економските и политичките институции во центарот на објаснувањето на процесот на долгорочен економски и општествен развој. Нивните истражувања покажуваат дека шансите на помалку развиените и посиромашните земји да остварат забрзан и одржлив просперитет решавачки зависат од квалитетот на економските и на политичките институции кои ќе ги воспостават.
Пред три децении, добитникот на Нобеловата награда за економија за 1993 год., Оливер Норт, ги дефинира институциите како „правила на игра во општеството или од-човекот-дизајнирани ограничувања кои ја обликуваат човечката интеракција“. Овогодинешните нобеловци, базирајќи се на таквата генерална дефиниција, ги истакнуваат клучните типови на институции важни за економскиот развој. Како економски институции тоа се: сопственичките права и правилата за нивно спроведување; пазарите и правилата за нивна организација. Како политички институции тоа се: формата на политичката власт, на пример, демократија наспроти диктатура или автократија; и формите на ограничувања на моќта на политичарите и на политичките елити.
Од аспект на компаративната анализа на економскиот развој, нобеловците Аџемоглу, Робинсон и Џонсон заклучуваат дека разликите во квалитетот на институциите се суштинската причина за разликите во достигнатите нивоа на економски развој меѓу земјите. Нобеловците ги анализираат случаите кои можат да се сметаат како „природни експерименти“. Еден таков случај е компаративниот економски развој на Северна и на Јужна Кореја. Тоа се две земји кои биле една целина до Втората светска војна, со истоветни географски и климатски услови и со хомогени етнички и културни карактеристики. Но, по поделбата на Корејскиот Полуостров, почнувајќи од 50-тите години на минатиот век, Северна Кореја воспоставува институции на централно-плански социјалистички економско-политички систем, додека Јужна Кореја ги воспоставува институциите на пазарна економија и на демократски политички систем. Резултатите од овие два различни системи на економски и на политички институции се: во 2000 г., доходот по жител во Јужна Кореја достигнува $ 16 000, додека во Северна Кореја само $ 1 000. Друг пример е случајот со градот Ногалес, кој е поделен на два дела со границата меѓу Мексико и САД. Јужниот дел на Ногалес припаѓа на Мексико, додека северниот дел припаѓа на САД. Нивото на економска развиеност, т. е. животниот стандард е значително повисок во северниот отколку во јужниот дел од градот. И во овој пример географските, климатските и културните фактори се идентични така што она што ја објаснува разликата во економскиот развој се разликите во институционалното окружување: во северниот дел, луѓето живеат во економски систем кој обезбедува ефективна заштита на сопственичките права и во политички систем кој обезбедува инклузивно учество во демократскиот процес и ограничувања на моќта на политичарите. Јужниот дел од градот е посиромашен, каде што водењето бизнис е мошне ризично поради дејствувањето на организираниот криминал и на политичката корупција како резултат на слабите економски и политички институции.
Основната концептуална матрица на нобеловците за економија за 2024 год. е изградена од следниве елементи и нивните интеракции:
(1) Економските институции ги одредуваат поттиците на однесување на економските актери, но истовремено ги одредуваат и ограничувањата во тоа однесување кои ги поставува општеството.
(2) Економските институции претставуваат одлуки на општествениот избор.
(3) Изборот на институции, пак, е резултанта на конфликтите на интересите меѓу различни општествени групи и поединци.
(4) Таквите конфликти се разрешуваат на начин кој соодветствува на распределбата на политичката моќ.
(5) Распределбата на политичката моќ, пак, е определена од политичките институции кои ја алоцираат политичката моќ де јуре и од распределбата на ресурсите, која ја одредува политичката моќ де факто.
Нобеловците ги класифицираат институциите како „добри“ (кои генерираат услови за економски раст) и „лоши“ (кои генерираат услови за економска стагнација). Добри економски институции се оние кои ги дефинираат и ефективно ги спроведуваат сопственичките права за широки сегменти на популацијата. Тоа овозможува поттици за мнозинството на популацијата за учество во економската активност и инвестирање во физички и во човечки капитал. Добри политички институции се оние кои овозможуваат мнозинството на популацијата да учествува во владеењето (governance) со општеството и со тоа да бидат вклучени во политичкото одлучување интересите на широк опфат на популацијата. Во двата случаја, добрите институции се инклузивни институции. Лошите институции не обезбедуваат владеење на правото и заштита на сопственичките права, па со тоа стануваат екстрактивни институции, институции кои извлекуваат, одземаат економска вредност и политички права од широки сегменти на популацијата, а во интерес на тесни елити. Дополнително, нобеловците истакнуваат дека добрите политички институции се предуслов за добри економски институции бидејќи овозможувањето на политичките слободи отвора простор за вистински економски слободи.
Посебен придонес на нобеловците е анализата на влијанието на институциите кои ги воспоставиле колонијалните сили врз долгорочниот економски развој во поранешните нивни колонии. Емпириските истражувања на колонијалните истории покажуваат дека колонизаторите во основа примениле два пристапа: (1) или воспоставувале добри, т. е. инклузивни, политички институции, (2) или, потпирајќи се на традиционалните домородни институции, воспоставувале лоши, т. е. екстрактивни политички институции. Изборот на типот на институции од страна на колонизаторите покажува значајна корелација со остварениот економски развој и денешното достигнато ниво на животен стандард во земјите во развој − поранешни колонии. Притоа колониите со инклузивни институции оствариле многу повисок економски просперитет отколку колониите со екстрактивни институции. Но, кои се факторите кои го одредувале изборот на колонизаторите меѓу двата типа на институции? Истражувањата на нобеловците идентификувале два нови фактори во однос на претходно прифатените фактори, географијата и климата. Двата нови фактори се: густината на домородната популација и присуството на смртоносни болести во поодделните колонии. Од аспект на густината на популацијата, во колониите со висока густина на населението, отпорот кон колонијалната власт бил посилен, па тоа влијаело бројот на доселеници колонизатори да биде релативно мал. Оттаму нивниот мотив да се воведат инклузивни институции бил слаб – наместо тоа, колонијалната сила ги презема веќе постојните, екстрактивни институции кои функционирале во корист на малата локална елита. Во колониите кои биле ретко населени, бројот на доселеници колонизатори бил многу поголем така што нивниот мотив да се изградат инклузивни институции, кои ќе обезбедат политички и економски права и слободи, бил многу посилен. Од аспект на присуството на смртоносни болести, колониите во кои болестите биле бројни и силно присутни, бројот на доселеници колонизатори бил мал, што повторно ја намалувало заинтересираноста, т. е. поттикот на колонизаторите да воспостават инклузивни институции. Во краткиот осврт на Кралската шведска академија на науките за наградата стои дека местата каде што болестите биле најопасни за Европјаните денес се места со дисфункционални економски системи, најизразена сиромаштија, најголема корупција и најслабо владеење на правото1.
Аџемоглу, Џонсон и Робинсон даваат значаен придонес во објаснувањето на феноменот на перзистентност, долговечност на институциите, односно на нивната отпорност кон промени и трансформации од екстрактивни, неефикасни кон инклузивни, демократични институции. Нобеловците го испитуваат т.н. проблем на кредибилно обврзување (commitment problem). Имено, реформирањето на политичките институции во еден авторитарен, екстрактивен политички систем е еден вид стратегиска игра меѓу елитата − носител на политичката моќ и одлучување и „народните маси“, т. е. големиот дел од популацијата кој е исклучен од политичкото одлучување. Кога елитата би се обидела да даде ветување (обврзување) на популацијата дека ќе направи реформи на економските институции, таквото ветување често би било некредибилно (неверодостојно) бидејќи масите сфаќаат дека елитата има поттик отпосле да не го оствари ветувањето. Но, и во спротивна насока, ветувањата на поборниците за институционални реформи дека ќе ја компензираат поранешната елита за нејзиното мирољубиво откажување од моќта можат да се покажат како некредибилни бидејќи и поборниците за реформи не би имале поттик отпосле да ја реализираат таквата компензација. И пошироко, разни моќни политичко-економски групи во општеството можат да не поддржат реформи од кои сите би имале економски придобивки, пред сè поради неизвесноста дека реформите би ги загрозиле позициите на моќта на ваквите групи. Во овој контекст, еден кредибилен начин на обврзување на реформи би бил кога елитата ќе ја избере опцијата на демократизација на институциите, т. е. проширување на правата на гласање, т. е. правата на учество во политичкото одлучување на широките слоеви од популацијата. Дали и кога ваквата демократизација на институциите ќе се случи зависи и од другите важни услови: формата и интензитетот на конфликтите во општеството поврзани со алокацијата на ресурсите меѓу групите; структурата на моќта на политичко одлучување; ефективната моќ за влијание на масите преку мобилизација за протести и борба за институционални промени.
Анализите на нобеловците Аџемоглу, Џонсон и Робинсон покажуваат дека изградбата на инклузивни и на демократски политички институции, заедно со кредибилни и отчетни економски институции, е од круцијално значење во спроведувањето на стратегиите и на политиките за одржлив економски развој, особено во земјите во развој.