Економија

Нема договор со Бугарија за заедничката изградба на тунелот на пругата од Коридорот 8

 Се уште нема договор, кога би имало би го објавиле, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со заедничката изградба на тунелот на железничката пруга од Коридорот 8 од македонска и бугарска страна.

Како што изјави Николовски, точно е дека се водат интензивни разговори и прашање на време е, на недели, а не на месеци, кога ќе се излезе со позитивни вести ако постои добра волја од страната на Бугарија.

-Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат, а не да не се поврзат како што е сега, за жал. Договорот треба да содржи три сегменти, првиот е изградба на заеднички тунел што треба да ги поврзува двете држави. За жал, во претходниот проект тунелот завршуваше буквално на пола, на слепа улица или слепа пруга, вториот дел е јасна обврска да преземе Софија да го изгради делот од границата со Македонија до Ѓуешево, како и да го реконструира делот од Ѓуешево до Софија за да има модерна пруга и од нивната страна и третата обврска е наша, да направиме ревизија на проектот што веќе правиме зашто е невозможно толку скапо да чини тој проект, за толку малку километри толку многу пари да се потрошат, истакна Николовски по денешната посета на „Железници Транспорт". 

Според него, четирите локомотиви од Србија се стигнати минатата година. 

-Тоа беше одлична работа зашто им донесе приход на „Македонски железници“ и со тој приход можевме да инвестиравме во ова што го промовираме денес, а постепено ќе користиме целосно домашни, македонски локомотиви, нагласи министерот. 

Изминатите шест месеци докажавме дека може да се смени сликата на „Железници Транспорт" и неблагодарно е зад претпријатието да стои префиксот загубар. Довербата на добавувачите е вратена, тие веќе немаат кочница дали сме клиент, а вратена е целосно и довербата кон доверителите. Сите деловно-технички релации со компаниите за одржување во регионот и пошироко се обновени. Сега сме во 24-часовна комуникација со кој било од железничкиот бизнис во југоисточна Европа и тоа зборува на која патека сме, рече денеска генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „ЖРСМ Транспорт“ Дејан Кошутиќ.

Тенденцијата е, нагласи Кошутиќ, е „Железници Транспорт" да достигне просечен годишен приход меѓу 12 - 13 милиони евра како што беше во 2012 година.

Како што изјави Кошутиќ, 70 отсто од долгот на „Железници Транспорт", 13,5 милиони евра, колку што вкупно бил пред пет месеци, не е од оперативното работење, туку од некомпетентност и несовесно работење. Многу е едноставно, истакна директорот, да се направи долг кога не се плаќало апсолутно ништо, независно дали станувало збор за 7 500 денари за електронско следење на Службен весник или пет милиони денари за струја. 


 

Извор МИА

фото freepic 

 

 

ПРЕПОРАЧАНО