Економија

Источна Европа ќе расте побрзо од еврозоната, прогноза од Виенскиот институт

Повеќето економии во Централна, Источна и Југоисточна Европа ќе забележат раст во 2025 година, особено земјите-членки на ЕУ. Ова го покажува новата зимска прогноза на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, која опфаќа 23 земји од регионот.

За 2025 година, Виенскиот институт предвидува просечен раст од 2,8 отсто за земјите-членки на ЕУ, што претставува минимална надолна ревизија од 0,1 процентен поен во споредба со минатата есен. Растот во 2026 година се очекува да биде сличен – 2,7 отсто, благо намалување од 0,3 процентни поени.

Оваа и следната година земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа ќе растат двојно побрзо од еврозоната, со што ќе продолжи економскиот процес на фаќање чекор со поразвиените земји.

Индустрискиот сектор во клучните земји во регионот, како Полска, Чешка, Словачка, Унгарија и Романија– се соочува со тешкотии поради продолжената рецесија во германската индустрија. Сепак, економскиот раст во овие земји и понатаму е поттикнат од силната приватна потрошувачка, благодарение на растот на реалните плати.

Меѓу источноевропските членки на ЕУ, Полска ќе го предводи  растот со стапка од 3,5 отсто во 2025 година и 3,0 отсто во 2026 година.  Хрватска ќе оствари раст од 3,1 отсто во 2025 година и три отсто во 2026 година.

Шесте земји од Западен Балкан исто така ќе забележат силен раст од 3,5 проценти во 2025 и 2026 година, додека Турција ќе забележи 3,5 проценти во 2025 година и 4,5 проценти во 2026 година, пренесува „Бизнис.рс“.


фото freepic 

 

ПРЕПОРАЧАНО