Економија

ЕУ МОЖЕ ЗА ЕДЕН ЧАС ДА ОДГОВОРИ НА САНКЦИИТЕ ОД САД!

Европската Унија ќе се спротивстави и соодветно ќе одговори на сите царини што и ги наметнаа САД, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

- Нема двоумење кога станува збор за одбрана на нашите интереси, рече Баро во интервју за TF1.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека Вашингтон ќе се придвижи оваа недела да воведе царини од 25 отсто за производите од челик и алуминиум.

И германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека Европа е подготвена да реагира „во рок од еден час“ доколку САД воведат царини за Европската унија.

На новинарско прашање дали ЕУ има „список на мерки“ со кои треба да одговори доколку САД воведат царини, Шолц одговори: „Да, ако треба да се изразам на највнимателен дипломатски начин. Ние како Европска Унија можеме да преземеме мерки во рок од еден час“. 

ЕУ денеска соопшти дека „во оваа фаза не добила никакво официјално известување“ од САД за воведување дополнителни царини. 

- Нема да одговориме на распространетите најави без детали или писмено појаснување, се наведува во денешното соопштените на Европската комисија по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе царини од 25 отсто за увозот на челик и алуминиум во САД. 

Еврокомисијата наведува дека Европската Унија не гледа оправдување за воведување царини за нејзиниот извоз и дека ќе реагира за да ги заштити интересите на европските бизниси, работници и потрошувачи од „неоправдани мерки“. 

- Општо земено: Воведувањето царини би било незаконско и економски контрапродуктивно, особено со оглед на длабоко интегрираните производствени синџири што ЕУ и САД ги воспоставија преку трансатлантската трговија и инвестиции, се додава во реакцијата. 

Комисијата натаму во соопштението посочува дека „царините во суштина се даноци“ и дека со нивното воведување, САД би ги оданочувале сопствените граѓани, би ги зголемиле трошоците за бизнисот и би поттикнал инфлацијата. 

- Покрај тоа, царините ја зголемуваат економската несигурност и ја нарушуваат ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари, се додава во соопштението на Европската комисија. 

Трамп најави дека денеска ќе воведе царина од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД, како и дека „утре или в среда“ ќе објави воведување на реципрочно оцаринување, што ќе стапи во сила „речиси веднаш“, во случај ако некоја земја воведе царини за американските стоки. 


Извор МИА

фото freepic 

 

 

 

ПРЕПОРАЧАНО