Економија
Николоски со Кулеба потпишана Спогодбата за либерализација на билатералниот транспорт и транзит на стока
12.02.2025
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, денеска оствари видео конференциска врска со Олекси Кулеба, заменик претседател на Кабинетот на министри на Украина, соопшти Министерство за транспорт.
Двајцата потпретседатели во име на владите на двете земји го потпишале Протоколот за измена на Спогодбата меѓу Македонија и Украина за меѓународниот патен превоз на патници и стока.
- Со измените на Спогодбата се предвидува, двете земји да воведат либерализација за билатералниот и транзитниот превоз во меѓународниот патен превоз на стоки, односно истиот да се одвива без дозволи, се наведува во соопштението.
Дополнително, како што велат од Министерство за транспорт, превозниците од двете земји да можат да вршат превоз за/од трети земји врз основа на дозволите што ги разменуваат Македонија и Украина во реципроцитет на годишна основа.
- Во однос на билатералниот и транзитен превоз со евро стандард 2, останува да се врши согласно разменетите дозволи исто така на годишна основа, се наведува во соопштението.
Двете страни изразиле подготвеност за унапредување и развој и на превозот на патници.
Овие измени, како што истакнал вицепремиерот Николоски, се во духот на одличните пријателски односи меѓу Македонија и Укрaина, пред се за зголемување на економската соработка, како и намалување на административните бариери во превозот на добра и патници.
Извор/фото МИА