Економија
КАКВА Е РАЗЛИКАТА МЕЃУ ВИСИНАТА НА ПЕНЗИЈАТА И ПЛАТИТЕ ВО ЗЕМЈИТЕ ВО ЕВРОПА?
13.02.2025
Просечниот пензионер во Европската Унија добива пензија која изнесува 58 отсто од нивниот поранешен приход од подоцнежниот период од нивниот работен век. Меѓутоа, во некои земји овој сооднос паѓа под 50%, додека во некои земји во Јужна Европа надминува 75%, покажуваат податоците на Евростат.
Последната анализа на Евростат покажува големи разлики меѓу земјите од ЕУ. Највисока стапка на покривање на пензиите во однос на платите во 2023 година е забележана во Грција (78%), Шпанија (77%) и Италија (75%). Хрватска е на самото дно на скалата со сооднос од 35%, што значи дека пензионерите во просек добиваат само една третина од својот поранешен приход. Во Литванија висината на пензијата изнесува 36%, Ирска (39%), додека во Црна Гора е со 38%, а Србија со 46%.
Меѓу четирите најголеми европски економии, Германија има најнизок коефициент на пензиско покривање (49%), додека Франција (59%) е нешто над просекот на ЕУ, пишува „Еуроњуз“.
Покрај учеството на пензиите во однос на поранешните приходи, значителни разлики има и во апсолутните износи на пензиите. Според податоците од 2021 година, просечниот месечен трошок за бруто старосна пензија по корисник во ЕУ изнесува 1.294 евра. Највисоки пензии се забележани во Луксембург (2.575 евра), додека најниски износи се забележани во Бугарија (226 евра) и Албанија (131 евра).
Хрватска и по овој показател заостанува зад европскиот просек со просечна пензија од 388 евра според податоците од 2021. Денеска оваа сума е повисока и изнесува околу 630 евра, но сепак е значително под нивото на многу земји од ЕУ.
Податоците покажуваат и значителни разлики меѓу пензиите на мажите и жените. Во просек, мажите во ЕУ добиваат пензија која изнесува 60% од нивниот поранешен приход, додека за жените соодносот е помал и изнесува 57%. Во некои земји, како Германија и Данска, жените имаат повисок коефициент на пензиско покривање од мажите. Од друга страна, Шпанија и Португалија се меѓу земјите со најголема родова нееднаквост во пензиите, пренесува „Далмација данас“.
фото freepic