Економија
НАЈСЛАБ РАСТ НА ЕКОНОМИЈАТА НА СЛОВЕНИЈА ОД 2020 ГОДИНА
15.02.2025
Според прелиминарните податоци на словенечкиот национален завод за статистика, растот на бруто домашниот производ во Словенија минатата година забави и изнесуваше 1,6 отсто.
Финалната потрошувачка од домаќинствата и од владата позитивно придонесе за растот, при што државната потрошувачка се зголеми за 8,5 проценти.
Домаќинствата лани ја зголемиле потрошувачката за 1,6 отсто, пресмета Централниот завод за статистика. Зголемен е и увозот и извозот. Обемот на увозот лани бил за 3,9 отсто поголем од претходната година, додека извозот е зголемен за 3,2 отсто.
На растот на БДП негативно влијаеше и намалувањето на бруто инвестициите од 2,4 отсто. Растот на вработеноста забави во текот на 2024 година, а благ пад е забележан во последниот квартал, со намалување од 0,3 отсто.
Растот на економската активност забави минатата година и беше најнизок од 2020 година, изјавија од Банката на Словенија. Забавувањето е привремено бидејќи Банката на Словенија ја задржува својата прогноза дека растот ќе зајакне над два отсто оваа година, пренесува „Пословни дневник“.
фото freepic