Економија
ПОСИРОМАШНИТЕ ПЛАЌААТ ПОСКАПО, ТРГОВЦИТЕ ГИ ПРИМЕНУВААТ МЕТОДИТЕ НА „ЧИПФЛАЦИЈА“, истражување на Народна банка на Србија
20.02.2025
Народна банка на Србија го анализираше феноменот на поголемото зголемување на цените на поевтините производи отколку на поскапите. По шринкфлацијата која се однесува на намалување на грамажата за иста цена на производот, трговците преминуваат на нова слична метода која се означува како чипфлација (cheapflation). Оваа ценовна политика е често присутна меѓу тровците во Србија, потврдило истражувањето на Народна банка на Србија.
Инфлацијата кај поевтините производи е термин со кој се опфатени цените на евтините производни марки, чии цени растат со повисока стапка од поскапите брендови од истиот вид на производи. На глобално ниво оваа појава е забележана во земјите како: Италија, САД, Австрија, Германија, Шпанија, Франција и други, се наведува во февруарскиот Извештај на НБС за инфлацијата.
- Истражувавме цени за 58 производи од четири категории за периодот од 2022 до 2024 година и резултатот е дека поевтините производи, односно брендовите во рамките на истата група, поскапеле 40 отсто, а поскапите производи за 35 отсто, изјави Мирјана Милетиќ, заменик генерален директор на Секторот за економски истражувања.
Во категоријата на млекото и млечните производи, просечната разлика е 10 проценти, но во некои периоди оваа разлика е до 20 отсто.
Кај кафето и безалкохолните пијалоци разликата е од 10 до 30 отсто, а најмала разлика во растот на цените има кај месото и месните преработки и изнесува од пет до 10 процентни поени.
Единствено кај кондиторските производи оваа разлика е „поумерена“ , а има и периоди кога поевтините слатки производи поскапувале помалку од поскапите производи.
Економистите објаснуваат: поради нееластичната побарувачка за некои основни производи посиромашните граѓани на овој начин плаќаат повисока инфлациска цена.
- Нееластичната побарувачка значи дека имаме производи кои мора да се купуваат посебно од најсиромашните потрошувачи, а тоа се основните производи и храната. Купувачите можат да го намалат количеството, но тие мораат да купуваат леб, млеко зеленчук... Продавачите и производителите го знаат тоа и користат секоја можност да одат со повисоки цени, посебно во криза кога се нарушени односите на понуда и побарувачка. Купувачите на скапи производи можат да најдат замена со поевтин производ, но посиромашните се принудени да ги купуваат производите од „поевтиниот“ бренд, вели Љубодраг Савиќ, професор на Економскиот факултет во Белград, пренесува „Биз.про“.