Економија
Германија инвестира 920 милиони евра во фабрика за чипови
21.02.2025
Европската комисија и одобри на Германија да ја субвенционира изградбата на нова фабрика за чипови во Дрезден со 920 милиони евра, која е во сопственост на компанијата Infineon.
Новата производна единица ќе и обезбеди на Европската Унија флексибилни капацитети, а со тоа ќе ја зајакне безбедноста на снабдувањето, еластичноста и технолошката автономија на Европа во областа на полупроводничките технологии, објави во четвртокот Европската комисија, пренесува ДПА.
Вкупно пет милијарди евра се потребни за проширување на фабриката, а се планира производството да започне во 2026 година.
Новата фабрика ќе произведува чипови кои ќе придонесат за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и дигитализација. Ќе се применуваат во автомобилската индустрија и секторот за обновливи извори на енергија.
Државната помош во ЕУ е предмет на строги правила за да се избегнат нарушувања на пазарната конкуренција.
фото freepic