Економија
НАЈВИСОК ГОДИШЕН РАСТ НА ОБНОВЛИВА ЕНЕРГИЈА ВО ЕУ
22.02.2025
Обновливите извори на енергија учествуваа со 45,3 отсто од потрошувачката на електрична енергија во Европската Унија во 2023 година, што е значително зголемување од 4,1 процентен поен во споредба со периодот претходната година, објави Евростат.
Заводот за статистика на ЕУ забележува дека ова е најголем годишен пораст на уделот на обновливите извори на енергија во потрошувачката на електрична енергија.
Енергијата добиена од ветерот (38,5 отсто) и хидроенергијата (28,2 отсто) сочинуваат повеќе од две третини од вкупната електрична енергија произведена од обновливи извори.
Следува сончевата енергија со 20,5 проценти, потоа цврстите биогорива - 6,2 проценти и другите обновливи извори - 6,6 проценти.
Податоците покажуваат дека најголем дел од потрошената електрична енергија во 2023 година е произведена од обновливи извори во Австрија (87,8 отсто), каде доминирала хидроенергијата, како и во Шведска (87,5 отсто) со значителен удел на ветерот, кој е најчестиот обновлив извор, и во Данска (79,4 отсто).
Висок удел на обновлива енергија е забележан и во Португалија (63 отсто), Хрватска (58,8), Шпанија (56,9), Летонија (54,3) и Финска (52,4).
Уделот на електрична енергија од обновливи извори е најмал во Малта (10,7 отсто), Чешка (16,4), Луксембург (18) и Унгарија (19,5), пренесува „Еуроњуз“.