Економија
Анализа: Балтикот и Балканот нови центри за снабдување на Централна Европа со гас
23.02.2025
Одлуката на Киев за запирање на транзитот на руски гас преку украинска територија поттикна нова фаза во преоблекувањето на гасната политика во Централна Европа, кое започна со инвазијата на Русија врз Украина во февруари 2022 година, се наведува во анализата на француската Фондација „Роберт Шуман“ насловена „Помеѓу Балтикот и Балканот, новата гасна геополитика“.
- Русија го запре извозот на гас преку гасоводот „Северен поток“ и преку Белорусија во летото 2022 година, а протокот низ Украина беше значително намален пред целосно да престане од 1 јануари 2025 година, со што гасоводот „Турски поток“ остана единствениот што ги снабдува европските земји со руски гас по копнен пат, се потенцира во текстот.
Во анализата се нагласува дека ваквата гасната криза, што започна во 2022 година, особено тешко ја погоди Централна Европа, каде гасот игра важна улога, особено за затоплување и за функционирање на производствениот сектор.
- Производството на гас благо порасна во Унгарија, Полска и, пред се, во Романија, но добиените количества од таму даваат само скромен придонес за енергетската безбедност на регионот. Покрај тоа, неколку централноевропски земји веќе неколку децении уживаат приходи од транзитни такси за гасот. Конечно, повеќето од нив се без излез на море или имаат мали морски брегови. Сите овие фактори ја прават Централна Европа единствен регион, се додава во текстот.
Новата реалност во снабдувањето со гас, според авторите на анализата, резултира не само со намалување на дотокот на енергенсот од Русија, туку и со интензивирање на поврзаноста на релација север-југ и зголемување на меѓузависноста на државите од регионот, како и на зависноста од одредени земји членки на ЕУ.
Доказ за тоа, како што се наведува во текстот, е терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во литванскиот град Клаипеда, кој беше клучен за намалување на енергетската зависност на Литванија од Русија и кој сега игра важна улога во снабдувањето со гас на Централна Европа.
- Изградени се неколку гасоводи, со што е зголемена интеракцијата меѓу државите во регионот. Регионот сега има мрежа на терминали и гасоводи што ја зголеми безбедноста во снабдувањето со енергенсот по запирањето на испораките на руски гас, се посочува во анализата.
Натаму во неа се додава дека по прекинот на дотокот на рускиот гас, на важност добија Германија и Полска како „порти за гас“ од САД, Блискиот Исток и Норвешка.
- Германија ги отвори своите први терминали за ЛНГ како резултат на енергетската криза во 2022 година. Капацитетот на увозот се очекува да се удвои до 2028 година, а германските власти долгорочно сметаат на шест терминали, покрај значителниот капацитет за складирање и поврзувањето со терминалите за ЛНГ во Белгија и Холандија. Заедно, овие капацитети значително ќе ја подобрат улогата на Германија во енергетската безбедност на Централна Европа, се потенцира во анализата.
Кога станува збор за Полска, таа од 2022 година е поврзана со гасовод со Норвешка, а преку терминалот за ЛНГ во Швиноушче, кој е отворен во 2016 година, таа се снабдува од различни добавувачи, со што стана целосно независна од испораките на руски гас и прерасна во главен центар за снабдување со енергенси на Централна Европа.
- Во моментов се разгледуваат планови за изградба на нов терминал во Гдањскиот Залив. Ваквиот објект дополнително ќе ја зајакне улогата на балтичкото крајбрежје. Улогата на Полска, како центар за енергетско снабдување на регионот ќе биде засилена и со поврзувањето со гасовод со Чешка, наведуваат авторите на анализата.
Од друга страна, покрај од север, гасот пристигнува во Централна Европа и од југ, преку Турција и Балканот, од извори во Азербејџан и Казахстан, со што особено на значење добива Романија, која воедно е единствената земја во овој дел на континентот со значителни резерви на гас. На тој начин, Романија може да стане и центар за поврзување на Азербејџан и грчките гасни терминали од една, и Молдавија и Украина, преку „Трансбалканскиот гасовод“, од друга страна.
- Изграден во време на советскиот период за да ја снабдува југоисточна Европа со руски гас, „Трансбалканскиот гасовод“ сега може да функционира во спротивна насока, снабдувајќи ги Бугарија и Украина, се вели во текстот.
Но, гасот ги поттикна старите ривалства во регионот, па така, според авторите на текстот, сега Турција и Грција се натпреваруваат која од нив ќе биде „портата“ преку која гасот ќе се транспортира кон Бугарија, а од таму кон Романија и останатите балкански земји.
Во анализата се посочува дека Грција има се поважна улога во снабдувањето на Централна Европа со гас, особено по нејзиното поврзување централна Европа преку грчко-бугарскиот гасен интерконектор ИГБ и со терминалот во Александруполи.
- Целта на иницијативата „Вертикален гасен коридор“, поддржана од Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Молдавија и Украина, е голем дел од Централна Европа да се снабдува преку грчките терминали и „Јужноевропскиот гасовод“. Регионалната интеграција е зајакната и преку договорот „Солидарен прстен“ (СТРИНГ), околу кој во 2023 година се здружија неколку оператори од регионот за да се олесни транспортот на гас од Азербејџан, се наведува во текстот.
Извор МИА
фото freepic