Економија
Лорковски: Најитно прашање е усвојувањето на Пакетот за електрична интеграција
24.02.2025
Северна Македонија во моментов е некаде на средина во групата на земји од Енергетската заедница (ЕЗ) и всушност е во средина и кога станува збор за транспонирањето и спроведувањето на законодавството. Веќе го имате усвоено речиси половина од она што е суштина на законодавството на ЕЗ, оцени директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, при денешната презентација на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската заедница во Република Северна Македонија за 2024 година пред членовите на собраниските комисии.
Во извештајот, додаде, гледаме умерен напредок во 2024 година, и дека сте во средина на групата на земјите кои се договорни страни со ЕЗ со одредени предизвици. Најитно прашање е усвојувањето на Пакетот за електрична интеграција што е важно за Планот на раст и за вашите перспективи за станување член на пазарот на електрична енергија на ЕУ од 2027 година. Очекуваме набрзо да биде доставен и закон за обновливи извори на енергија (ОИЕ) до Собранието и да се пополни јазот на неусогласеност до РЕД 2 Директивата.
-Достигнувањата на Северна Македонија се одвиваат рамномерно со делумна негативна тенденција. Имате мала надолна траекторија кога станува збор за имплементацијата на законодавството. Сепак сте една од водечките земји кога станува збор за користење на обновливи извори на енергија. Постигнат е и напредок во однос на воспоставување на организираниот пазар на електрична енергија, но иако е изготвено нацрт законодавството за електрична енергија не е усвоено, рече Лорковски во презентацијата на Извештајот.
За секторот на природен гас во земјава рече дека има значителен напредок во 2024 година.
- Сертификацијата на НОМАГС е во целосна согласност со Третиот енергетски пакет на ЕЗ што беше овозможено откако беа донесени одредени одлуки за менување на сопственоста на оваа компанија. Сепак, се уште се работи интерконекторот со Грција и веруваме дека ќе заврши што побрзо, но треба да се одвива паралелно со соодветна регулаторна рамка неопходна за идната работа. Неопходно е да се изработат мрежните правила за механизми за доделување на капацитети за земјата исто како и за интерконекторот со Бугарија кој веќе се користи. Потребно е да имате исти мрежни правила со Европската Унија за да се овозможи повеќе простор за тргување и за безбедност, рече Лорковски.
Како што кажа, се забележува намалување на цените на природниот гас особено во индустријата, но се уште има простор за напредок во употребата на гас во однос на безбедноста на доставувањето на гас, објави МИА.