Економија

ВО ЈАНУАРИ СЕ НАМАЛИЛЕ ГЛОБАЛНИТЕ ЦЕНИ НА ХРАНАТА

Според извештајот на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), индексот на цените на храната се намалил  во јануари 2025 година, достигнувајќи просечна вредност од 124,9 поени. Ова претставува намалување од 1,6 отсто во однос на декември 2024 година. Овој пад главно е резултат на значителното намалување на цените на растителните масла и шеќерот на меѓународниот пазар.

Сепак, и покрај ваквиот пад, индексот и понатаму е за 6,2 отсто повисок од истиот период минатата година, но сепак 22,0 отсто под рекордното високо ниво постигнато во март 2022 година.

Индексот на цените на шеќерот што го пресметува  ФАО забележа значителен пад од 6,8 отсто во однос на претходниот месец, што претставува намалување од 18,5 отсто во однос на истиот месец лани. Овој пад е првенствено резултат на подобреното глобално снабдување со шеќер, што може да се припише на поволните временски услови во Бразил и одлуката на индиската влада да продолжи со извозот на шеќер.

Најновата анализа покажува дека индексот на цените на житариците што го следи Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ОН ФАО) забележа благ пораст од 0,3 отсто во однос на декември 2024 година, но сепак е за 6,9 отсто помал во однос на јануари претходната година.

Цените на пченицата на меѓународниот пазар забележаа благ пад, а на пченката се зголемија, што може да се припише на намаленото производство и пониските прогнози за залихите во САД.

Од друга страна, индексот на цените на оризот  забележа значителен пад од 4,7 отсто, како резултат на зголемените залихи на извозот, пренесува „Бизнис.рс“.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО