Економија

ГРЦИЈА ЌЕ ИСТРАЖУВА ИЗВОРИ НА ГАС ВО ЈОНСКОТО МОРЕ

Со одлука на министерот за животна средина и енергетика на Грција Теодорос Скилакакис распишан е меѓународен тендер за доделување лиценца за истражување и експлоатација на јаглеводороди во јужниот дел на Јонското Море, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од Министерството за животна средина и енергетика на Грција, тендерот се однесува на морските области „А2“ и „Јужно од Пелопонез“, а иницијативата е по изразениот интерес за конкретните области од страна на американската компанија „Chevron“ и грчката „HELLENiQ Energy“.

Скилакакис рече дека е „многу важна разврска во насока на енергетската безбедност на земјата, бидејќи се зајакнуваат напорите да се истражи постоењето на значајни наоѓалишта на природен гас“, што, како што посочи е важно за енергетската транзиција.

- Дополнително, интересот на гигантите во секторот за јаглеводороди, прво на „ExxonMobil“, а сега на „Chevron“, покажува дека нашата земја се развива во атрактивна дестинација за значителни енергетски инвестиции, посочи министерот за животна средина и енергетика на Грција.

Во рамките на одлуката, како што информираа од надлежното Министерство, одобрен е огласот за тендерот што го објави Грчката компанија за управување со јаглеводороди и енергетски ресурси (ЕДЕИЕП), што првично се објавува во Службен весник на Грција, а потоа и во Службен весник на Европската Унија.

Периодот за поднесување на понудата ќе трае 90 дена од датумот на објавување на огласот во Службен весник на Европската Унија. 


 

Извор МИА

фото freepic 

 

ПРЕПОРАЧАНО