Економија
ЦЕНИТЕ НА ПРОИЗВОДИТЕ ДА СЕ ОБЈАВУВААТ НА ВЕБ СТРАНИЦИТЕ НА ТРГОВЦИТЕ, како мерка за заштита на потрошувачите
25.02.2025
Трговците на мало (малите, средните и големите) да ги објавуваат цените на производите на своите веб страници за потрошувачите да бидат подобро информирани, а оние што имаат повеќе од еден продажен објект, да ги објавуваат цените на стоките поединечно, за секој свој продажен објект. Ова го налага Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите што денеска го разгледа собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Според законските измени, од ваквата обврска се ослободени микротрговците и трговците-поединци.
Како што беше речено на комисиската седница, со објавувањето на цените на интернет ќе се обезбеди транспарентност (потрошувачите ќе имаат лесен пристап до информациите за цените), фер конкуренција (трговците ќе бидат подеднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби) и заштита на потрошувачите (тие ќе бидат заштитени од нефер практики, како што се скриени трошоци или нејасни цени).
Целта на Предлог-законот, се наведува во образложението, е да се заштитат интересите на потрошувачите и да се обезбеди основа за нивна подобра информираност за цените на производите и за олеснување на споредливоста на цените. Исто така, ќе се осигура транспарентноста во однос на потрошувачите и ќе се спречи нефер конкуренцијата и злоупотребата на пазарот. Ваквото законско решение се очекува да доведе до фер конкуренција и пониски цени, особено во секторот на прехранбени производи, при што ќе може да се направат и апликации и веб-страници кои ќе им овозможат на потрошувачите да ги споредуваат цените помеѓу различните трговци на мало. Многу е важно, се додава, информирањето на потрошувачите за цените на стоките и услугите преку нивно правилно означување од страна на трговецот. Продажната и единична цена треба да бидат јасно означени на видлив и читлив начин за потрошувачот да има подобра прегледност и споредливост на цените,
Вакви законски решенија не се новина и се содржани во законите од областа на заштитата на потрошувачите и успешно се применуваат во Франција и во други држави. Франција има строги правила за заштита на потрошувачите и фер конкуренција, особено во прехранбениот сектор. Овие правила се регулирани во Законот за заштита на потрошувачите и европските директиви за електронска трговија. Освен тоа, наведените измени и дополнувања се во согласност со Директивата 98/6/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 16 февруари 1998 година за заштитата на потрошувачите при означувањето на цените на стоките што им се нудат на потрошувачите, која е транспонирана во предметниот закон.
Предлог-законот предвидува и соодветно дополнување на прекршочните одредби од Законот за заштита на потрошувачите со глоби за трговците кои ќе постапат спротивно на одредбите од овој закон и на одредбите за овластувањата што ги имаат државните пазарни инспектори, објави МИА.