Економија

И ЕУ ПОНУДИ ДОГОВОР ЗА РЕТКИТЕ МЕТАЛИ ОД УКРАИНА!

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски в петок може да ги посети САД за да го потпише важниот договор за минералите .

Според информациите од медиумите, Киев и Вашингтон во текот на вчерашниот ден постигнале договор откако САД се откажале од барањето да го добијат целиот приход од екстракцијата на ретките минерали во Украина, чија вредност се проценува на 500 милијарди долари.

Украинската вицепремиерка Олга Стефанишина вчера за Укринформ изјави дека преговорите меѓу украинскиот и американскиот тим се во завршна фаза и дека се договорени речиси сите клучни детали од договорот за минерали.

Зеленски нагласи дека договорот мора да содржи јасни безбедносни гаранции на САД и посочи дека Украина сака да биде рамноправен партнер, а не должник.

Неделава и Европската Унија и понуди на Украина сопствен договор за „критичните суровини“, токму во моментот кога американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон е блиску до постигнување договор со Киев за правата на огромните природни ресурси на Украина, пишува „Политико“.

Еврокомесарот за индустриска стратегија Стефан Сежурне рече дека ја претставил европската верзија на договорот на Украина за време на посетата на Киев, каде делегација на Европската комисија ја одбележа третата годишнина од почетокот на војната.

„Дваесет и еден од 30-те критични материјали што и се потребни на Европа може да ги обезбеди Украина, во заемно корисно партнерство“, рече Сежурне, пренесе АФП. Тој, исто така, ја истакна клучната разлика меѓу ЕУ и САД: „Додадената вредност што ја нуди Европа е тоа што никогаш нема да бараме договор што не е заемно корисен“, пренесува „Сеебиз“.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО