Економија
ЗГОЛЕМЕНО ПРОИЗВОДСТВО НА ЕНЕРГИЈА ОД НУКЛЕАРНИ ЦЕНТРАЛИ ВО ЕУ
26.02.2025
Тринаесет земји од Европската Унија во 2023 година произвеле 619.601 гигават-часови (GWh) електрична енергија од нуклеарни централи, што е зголемување за 1,7 отсто во споредба со 2022 година.
Нуклеарните централи од овие 13 земји учествуваа со 22,8 отсто од вкупното производство на електрична енергија во ЕУ, соопшти Европската статистичка служба, Евростат.
Франција, најголемиот производител на нуклеарна енергија во ЕУ, произведе 54,6 отсто од нуклеарната енергија во ЕУ (338.202 GWh). Шпанија произведе 56.873 GWh (9,2 отсто), Шведска 48.470 GWh (7,8 отсто) и Финска 34.308 GWh (5,5 отсто).
На почетокот на 2023 година Германија произведе вкупно 7.216 GWh, пред целосно да го прекине нуклеарното производство во април. Оваа земја беше втор најголем производител во ЕУ до 2021 година.
Земјите од ЕУ кои најмногу се потпираат на нуклеарна електрична енергија во 2023 година беа Франција (65 отсто од целата произведена електрична енергија) и Словачка (62 отсто). Само 1,4 отсто од електричната енергија произведена во Германија и 3,3 отсто во Холандија доаѓа од нуклеарните централи, пренесува „Бизнис.ба“.
фото freepic