Економија

ПОМАЛКУ ЕКОЛОШКА, НО ПОВЕЌЕ ПОСВЕТЕНА НА ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО КАКО АТРАКТИВНА ПРОФЕСИЈА, што содржи новата земјоделска визија на ЕУ

Европската комисија  пред неколку дена ја претстави новата визија за европскиот земјоделско-прехранбен сектор до 2040 година, со што ја корегираше претходната амбициозна политика за заштита на животната средина, поради зголемените протести на земјоделците. Овојпат фокусот е на поедноставување на регулативите и претворање на земјоделството во атрактивна професија, наместо да се подигнат еколошките стандарди, пишува  „Еуроњуз“.

ЕК се оддалечува од претходната контроверзна стратегија „Од фарма до вилушка“ како дел од Европскиот зелен договор.

Воедно има и промени во политиките кои најмногу ги засегаат потрошувачите. Заземен е посилен став кон стратешката автономија на храна на Европа. Со акцент на приоритет на производството на основни земјоделски производи со цел подобрување на суверенитетот на европскиот пазар.

Земјоделците кои активно придонесуваат за безбедноста на храната ќе можат да се надеваат на поголема поддршка.

Сепак, од перспектива на земјоделските производители, новата стратегија нуди помалку за вистинска реформа на Заедничката земјоделска политика. Не постојат видливи начини за спроведување на поправедна распределба на стимулации во корист на малите земјоделци преку намалување на плаќањата на големите земјоделски компании. Медиумите потсетуваат дека системот за директни плаќања долго време е критикуван за непропорционална поддршка во корист на големите фарми.

Еколошките аспекти остануваат, но тие повеќе не се централна тема во новиот план. Особено не ревизијата на рамката за употреба на пестициди. Сега на сите им е јасно дека претходната стратегија, како што е преполовување на нивната употреба до 2030 година, е тешко остварлива.

Првиот чекор ќе биде рационализирање на имплементацијата на Заедничката земјоделска политика, која е огромна програма за субвенционирање на земјоделството која моментално вреди речиси една третина од вкупниот буџет на ЕУ.

Обезбедувањето фер животен стандард за земјоделците е уште еден клучен елемент на стратегијата. Причината е што многу производители во европскиот земјоделски сектор се соочуваат со финансиска несигурност и висок ризик од сиромаштија, нагласува Комисијата во документот. За да се реши ова, извршната власт на ЕУ планира да развие посебна стратегија до крајот на оваа година која ќе ги мотивира младите да се вклучат во производството на храна, преку полесен пристап до земјиште, капитал и обука за младите фармери.

Покрај тоа, ќе продолжи работата за подобрување на позицијата на земјоделците во синџирот на снабдување со храна бидејќи тие често се борат против моќните трговци на мало. Реформата на нефер трговските практики ќе вклучи мерки за спречување на практиките со кои производителите се принудени да ги продаваат своите стоки под цената.

Комисијата, исто така, ќе се заложи за построго усогласување на стандардите за производство за увезените стоки со оние што се применуваат за европските производители. Најмногу во областа на употребата на пестициди и благосостојбата на животните, а особено кога станува збор за опасните пестициди кои се забранети во ЕУ од здравствени и еколошки причини и не треба да се враќаат во европските продавници преку производи увезени од трети пазари, пренесува „Политика“.

ПРЕПОРАЧАНО