Економија
Уште едно важно прашање: ефикасноста на јавниот сектор
Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | 15 февруари 2025г.
Откако во минатата колумна се осврнав на едно важно прашање за македонската економија, во меѓувреме, благодарение на Трамп и на Маск (Господ нека ги поживее!), добив инспирација за уште едно важно прашање. Веројатно на читателите им е позната неодамнешната одлука на Доналд Трамп за основањето на Департманот за владина ефикасност – необична привремена државна служба чија цел е да ги искорени непотребните буџетски издатоци на федералната влада во САД. Во моментов не е познато како ќе функционира оваа служба и постои голема неизвесност дали таа ќе ги оствари зацртаните цели, но тоа не е ни важно за нас. Меѓутоа, она што навистина треба да нѐ поттикне на длабоко размислување е основната идеја на Трамп и на Маск – што станува со ефикасноста на државните агенции? За потсетување, ефикасноста е економски концепт кој горе-долу означува состојба во која расположливите средства (капиталот и работниците) се целосно искористени на најдобар начин. Иако може да се разгледува на различни начини (на пример, технолошка и економска ефикасност), просто кажано ефикасноста значи дека со постојните средства остварувате најголеми резултати или дека резултатите ги остварувате со најмалку ангажирани средства.
Кога зборуваме за ефикасноста постои голема разлика меѓу приватниот и јавниот сектор. Имено, во приватниот сектор ефикасноста е основната движечка сила или, поинаку кажано, ефикасноста е прашање на живот или на смрт. Тоа произлегува оттаму што приватните фирми работат за профит така што, набљудувано на долг рок, фирмите кои не се ефикасни неизбежно ќе бидат претекнати од конкуренцијата и во краен случај ќе пропаднат. Впрочем, оваа законитост се случува секојдневно во светот и доволно е само да погледнете наоколу за да видите дека фабриките, рестораните или продавниците кои постоеле до вчера повеќе ги нема. Според тоа, профитот како мотив во работењето на фирмите и притисокот од конкуренцијата ги принудуваат фирмите да работат ефикасно зашто во спротивно – црно им се пишува.
Меѓутоа, работите не стојат така во јавниот сектор, а причините веќе ги споменавме: прво, јавниот сектор не работи за профит, туку извршува поширока општественокорисна функција и второ, јавниот сектор има монопол, т. е. не е изложен на конкуренција. Во однос на првиот фактор, работите во приватниот сектор се јасни – самата фирма е заинтересирана да работи ефикасно за да оствари поголем профит. Но, ако фирмата (читај: државата) не работи за профит, тогаш таа не е мотивирана да работи подобро (поефикасно). На тоа треба да се додаде и вториот фактор кој уште повеќе оди на штета на јавниот сектор: во приватниот сектор, дури и да не сака, фирмата мора да работи ефикасно зашто на тоа ја тера конкуренцијата, зашто ако фирмата не работи ефикасно, тогаш другите фирми (кои работат ефикасно) ќе ја претекнат и ќе ја уништат. Но, проблемот е во тоа што јавниот сектор најчесто не се соочува со конкуренција (не постојат десет судски системи или дваесет полиции), па дури и да не работи ефикасно – никому ништо зашто нема надворешна сила која ќе го принуди да биде ефикасен.
Поради овие две причини (непрофитниот карактер на јавниот сектор и отсуството на конкуренција), најчесто јавниот сектор е синоним на неефикасност. Впрочем, сето ова нам ни е многу добро познато зашто токму оваа одлика (катастрофалното ниско ниво на ефикасност) беше една од основните причини за пропаѓањето на еден цел економски и општествен систем (социјализмот). Рака на срце, кога зборуваме за неефикасноста на јавниот сектор, делумно паѓаме во следнава стапица: штом не постои приватна конкуренција, не може точно да се измери колку е неефикасен јавниот сектор зашто не постои мерка за споредување. На пример, сите ние „знаеме“ дека судовите се неефикасни, но тоа само го претпоставуваме, т. е. само го нагаѓаме зашто не постојат приватни судови кои ќе ни го потврдат нашиот заклучок. Друг проблем со мерењето на ефикасноста на јавниот сектор е поврзан со неговиот непрофитен карактер. Имено, во приватниот сектор воопшто не мора да ја мерите ефикасноста, туку доволно е да ја погледнете профитабилноста на фирмата: ако фирмата е профитабилна (на долг рок), тогаш нема сомнение дека таа е ефикасна. Меѓутоа, јавниот сектор секогаш може да си најде оправдание дека е помалку ефикасен затоа што работи за „поширокото добро на заедницата“.
Сепак, овие практични проблеми не се причина да се оди во другата крајност – целосно да се занемари ефикасноста во работењето на јавниот сектор. Напротив, ефикасноста е многу важна поради две причини: прво, никој (дури ни државата) нема на располагање неограничени средства и второ, расположливите средства секогаш можат да се употребат за попаметна (покорисна) намена. Независно колку изнесува државниот буџет (две, пет или дваесет милијарди), тој е ограничен, а тоа ја создава обврската за јавниот сектор да работи поефикасно зашто на тој начин ќе може со истиот буџет да направи повеќе општественокорисни работи. На пример, ако автопатот може да го направите за 300 наместо за 600 милиони евра, со тоа ќе остварите заштеда од 300 милиони кои или ќе им ги вратите на луѓето (ќе ги намалите даноците) или со нив ќе направите уште еден автопат. Обратно, ако јавниот сектор работи неефикасно, тоа значи дека буџетските средства се залудно потрошени. Како што може да се забележи, ефикасноста во јавниот сектор особено е важна за посиромашните земји кои имаат мали буџети и кои не можат да си го дозволат луксузот да се расфрлаат со буџетските пари.
Иако ефикасноста во јавниот сектор не може прецизно да се измери, тоа никако не значи дека воопшто не може да се измери. Напротив, во некои случаи постои надворешно мерило со кое може да се спореди работењето на јавниот сектор. На пример, со споредбата меѓу државните и приватните болници, меѓу државните и приватните биохемиски лаборатории, меѓу државните и приватните училишта и факултети или меѓу државните и приватните автобуски превозници − може лесно да се добие претстава за ефикасноста на јавниот сектор. Во продолжение, македонскиот јавен сектор може да се спореди со јавниот сектор на земјите кои се познати по својата ефикасност и така да се добие споредба за нашата неефикасност. Најпосле, независно од овие споредби, и кај нас постојат институции кои ја мерат ефикасноста на јавниот сектор. Таков е примерот на Државниот завод за ревизија кој, покрај оценувањето на законитоста во работењето (дали се почитуваат прописите), врши и оцена на ефикасноста (дали буџетските пари се потрошени разумно и корисно). Во повеќе земји иста таква улога игра и фискалниот совет. Меѓутоа, проблемот е во тоа што оној што се однесува недомаќински (државата) не сака да се зборува за неговото (нејзиното) расипничко однесување, па целосно ги занемарува оцените на државните ревизори. Впрочем, којзнае во колку ревизорски извештаи сме имале прилика да прочитаме за крајно неодговорното и расипничко однесување на општините, на министерствата и на државните агенции, а сето тоа во стилот: кучињата лаат – караванот си врви. Или што правиме со стотиците државни комисии и агенции за кои не се знае ни зошто постојат, а камо ли што и како работат?
Да заклучиме: ефикасноста не е шега, туку таа предизвикува конкретни материјални последици врз животниот стандард и врз квалитетот на луѓето. Поради тоа лицемерно е политичарите да се колнат дека работат за доброто на народот, а истовремено целосно да ја занемаруваат ефикасноста на министерствата и на државните агенции. Токму ова е прашањето кое гласно го поставуваат Трамп и Маск (двајцата се практични луѓе кои доаѓаат од бизнисот) − како се трошат буџетските пари, т. е. парите на даночните обврзници (читај: народот). И да, ова е многу важно прашање, зашто секој прокоцкан буџетски денар значи помалку патишта, полоши болници и училишта, т. е. помала благосостојба на истиот тој народ на кој се повикуваат политичарите.