Економија
ЦЕНАТА НА НАФТАТА ПАЃА ПО НАЈАВАТА ЗА „ВОЈНАТА“ СО ЦАРИНИ
03.03.2025
На глобалните пазари цените на нафтата се намалија минатата недела (втора недела пат по ред), бидејќи трговците се загрижени поради слабата побарувачка, со оглед на бавниот раст на најголемите светски економии и ризиците од војна со царини. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се намали за 1,7 отсто и изнесува 73,18 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 0,9 отсто, на 69,76 долари.
Падот на цената на нафтата втора недела по ред е резултат на знаците за забавување на растот на американската економија, што може да доведе до слабеење на побарувачката. Особено што кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не расте толку брзо како што се очекуваше. Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека од 4 март ќе стапат на сила царините од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико, како и дополнителни 10 отсто царини за увоз од Кина.
Тој рече и дека наскоро би можел да воведе царини од 25 отсто на увозот од Европската Унија, а бидејќи Европската комисија најави брза и решителна реакција, трговците стравуваат од царинска војна, која може негативно да влијае на растот на целата светска економија, а со тоа и на побарувачката за нафта, пренесува „Индекс“.