Воведувањето царини од 25 отсто од страна на САД за производите од Европската Унија, што минатата недела го најави американскиот претседател Доналд Трамп, ќе го забави економскиот раст во Централна и Источна Европа, предупредија од аналитичката компанија S&P Global. Меѓу најранливите земји се: Чешка, Унгарија, Словачка, Словенија и Романија, првенствено преку германскиот автомобилски сектор.
Извозот на машини и транспортна опрема во Германија изнесува повеќе од една десетина од вкупниот извоз на овие земји, објави „Ројтерс“. Словенечките добавувачи на автомобили извезуваат 40% од своите производи во Германија, покажуваат податоците на кластерот за словенечка автомобилска индустрија.
Земјите од Централна Европа се меѓу членките на ЕУ кои најмногу зависат од надворешната трговија. Учеството на извозот на стоки и услуги во бруто домашниот производ (БДП) се движи од 69% во Чешка до 92% во Словачка. Само Романија, со учество од 39 отсто, беше под просекот на ЕУ, покажуваат податоците на Евростат за 2023 година.
Учеството на извозот на стоки и услуги во словенечкиот БДП во 2023 година изнесува 83,3 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Полска, најголемата економија во Централна Европа, е помалку изложена на проблеми во Западна Европа, бидејќи не се потпира толку многу на извозот на автомобили, има голем домашен пазар и добива милијарди евра од фондовите на ЕУ, пренесува СТА.
фото freepic