Економија

АВТОБУСИТЕ НА ВОДОРОД И НА БАТЕРИИ ДОМИНИРААТ ВО ГРАДСКИОТ ПРЕВОЗ ВО ЕУ

Речиси половина од сите нови градски автобуси во Европската Унија (или 49 отсто) се  без емисија на штетни гасови во 2024 година, што ги прави градските автобуси еден од првите успешни примери во рамките на Европскиот зелен договор. Според анализата на Транспорт и животна средина (T&E),  минатата година автобусите со водородни горивни ќелии учествуваат со три проценти од новите градски, додека автобусите на батерии со електрична енергија имаа удел од 46 проценти.

Доколку овој тренд продолжи, продажбата на градски автобуси со нулта емисија би можела да достигне 100 отсто до 2027 година.

-  Овој успех е последица на новите европски регулативи од минатата година, кои јасно сигнализираа дека деновите на дизел автобусите се одбројани. Пазарот на градски автобуси преминува кон возила со нулта емисија многу побрзо отколку што бара Директивата на ЕУ за чисти возила и стандардите за CO2 за камиони и автобуси, велат од T&E.

Сепак, има големи разлики меѓу европските земји. Холандија, Финска и Исланд купуваат исклучиво нови електрични автобуси. Во Норвешка и Луксембург, 99 отсто, односно 98 отсто од новите автобуси регистрирани во 2024 година биле електрични. Естонија оствари учество  од 84 проценти, а Романија со 82 отсто од новите автобуси регистрирани во 2024 година биле на електричен погон, додека 10 отсто биле хибридни.

Во Европа, Холандија ја предводи транзицијата, каде уште во 2021 година само еден процент од новите градски автобуси беа на дизел мотори. Австрија, Чешка, Унгарија, Естонија, Словачка и Хрватска многу побавно се прилагодуваат на зелен градски автобуски превоз, пренесува „Енергетика.ба“.

ПРЕПОРАЧАНО