Економија

Одржан семинар за дисеминација на резултати од работниот пакет 3 од Хоризонт проектот: Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција

Целта на Хоризонт-проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (SKILLS4JUSTICE) е да се анализираат предизвиците на пазарите на труд за да се добијат длабински согледувања за недостигот од квалификувана работна сила, неусогласеноста на вештини и ефектите од миграциските текови. Имено, проектот опфаќа искусен конзорциум составен од 13 институции од 11 држави при што Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје преку Економски факултет - Скопје е лидер на Работен пакет 3 „Евалуација на пазарот на трудот во анализата на соодветните потреби и недостигот на квалификувана работна сила во земјите на потекло во споредба со земјите на дестинација и земјите во транзиција (Украина, Турција, Северна Македонија, Етиопија)“.

На 26 февруари 2025 година Економски факултет - Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје беше домаќин на семинарот за дисеминација на резултати од работниот пакет 3. Семинарот го посетија над 85 учесника и тоа креатори на политики во областа на миграцијата, образованието и формирањето вештини, социјални партнери, невладини организации кои работат на полето на миграцијата и образованието и студенти. Настанот го следеа и угледни медиумски професионалци кои ја пренесоа информацијата преку телевизиските и онлајн медиуми.

Семинарот беше поделен во три дела, а пред присутните се обратија проф. д-р Виолета Цветкоска, раководител на проектот „SKILLS4JUSTICE“, проф. д-р Предраг Трпески, декан на Економски факултет - Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Валентина Гечевска, проректор за наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и проф. д-р Весна Јаневска, министер за образование и наука. Во своите инспиративни говори, тие ги нотираа заложбите за реформирање на образовните програми, држење чекор со побарувачката на квалификувана работна сила од страна на индустријата и обликување на нови генерации професионалци, визионери и лидери кои се подготвени за справување со општествените предизвици.

Во рамки на вториот дел од семинарот накратко беа презентирани резултатите од Работниот пакет 2, а фокусот се стави на детална презентација на резултатите од Работниот пакет 3. Имено, резултатите од Работниот пакет 2 „Дизајнирање на моделот на недостиг за регрутирање на квалификувани работници во земјите на дестинација на мигрантите и земјите во транзиција“ покажаа дека во високо-развиените држави е потребно забрзано признавање на квалификации за странски работници, проширување на проактивни партнерства со земјите на потекло на миграција, поголема соработка со работодавачите, инвестирање во локалната работна сила и справување со демографското опаѓање.

Резултатите од Работниот пакет 3 се однесуваа на земјите од каде емигрира работната сила, меѓу кои и Северна Македонија. Ситуацијата во нашата држава покажува дека, иако, стапките на невработеност опаѓаат, особено меѓу младите, сè уште постојат сегменти во стопанството каде компаниите се соочуваат со долготрајни потешкотии при пополнување на слободните работни места. Особено е нагласен недостигот од работници со средно и високо техничко образование (техничари, инженери, софтверски програмери, машински или електро инженери, персонал во угостителски објекти). Додека некои поголеми компании користат интерни обуки и блиска соработка со образовни институции, помалите претпријатија пријавуваат дека им е тешко да најдат профили со потребни стручни вештини и да ги задржат во услови на ниски плати и недоволно атрактивна средина. Присутната емиграција, пак, сè повеќе ги погодува и висококвалификуваните кадри, а повратната миграција е сосема ограничена. Заедничките карактеристики на државите кои се извор на мигранти се огледаат во изразените трендови на висока емиграција, постоење на неусогласеност на вештини на пазарот на труд, комплексни социо-економски карактеристики, одлив на мозоци и ограничени мерки и моќ на државните институции.

Останатите држави опфатени во третиот работен пакет се Турција, Украина и Етиопија. Турција, според презентираните анализи, има развиени сектори на производство, текстил, угостителство и слично, но, бележи големи тешкотии во вработувањето искусни работници од средно и средно-високо ниво, додека над 80% од работодавачите пријавуваат долгогодишен недостаток од технички персонал, што е последица и на големата стапка на миграција и на системската неусогласеност меѓу понудените програми за стручно образование и побарувачката на приватниот сектор. Од друга страна, во Украина, политиките се насочени кон итни мерки за задржување на преостанатиот квалификуван кадар, како и кон забрзани прилагодувања на националната рамка за квалификации во услови на воен конфликт. Етиопија се карактеризира како земја со постојан прираст на младо население, но, со драматични предизвици во поглед на достапност на соодветно стручно образование. Анализите покажаа дека дури и дипломираните студенти не поседуваат доволно практични вештини, а дел од нив неретко избираат да мигрираат поради ограничените можности за професионален развој. Резултатите од овој работен пакет може интегрирано да се согледаат во целосниот извештај на следниот линк. Анализата на овој дел ја претставија м-р Кристијан Кожески, м-р Ѓунтер Мерџан, д-р Филип Пеовски, м-р Бојан Китановиќ и Ивона Серафимовска од Економски факултет – Скопје при УКИМ.

Третиот дел од настанот беше посветен на панел-дискусија под наслов „Од истражување до политики: искористување на податоците за праведна миграција“. За клучните приоритети за справување со недостигот од кадри и неусогласеноста на вештините говореа министерот за дигитална трансформација, м-р Стефан Андоновски, заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, како и заменик министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, м-р Мирослав Лабудовиќ, проф. д-р Рубенс Јовановиќ, продекан за меѓународна соработка на Медицинскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Ефтим Здравевски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, м-р Никола Ефтимов, раководител на човечки ресурси во „Алкалоид“ AД Скопје, д-р Орде Ѓорѓиоски, директор на правни и општи работи на Прехранбена индустрија „Витаминка“ АД Прилеп, д-р Беркан Имери, извршен директор на „Халкбанка“ АД Скопје и м-р Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на М6 Едукативен центар.

Модернизација на наставните планови, засилувањето на националните рамки за квалификации, забрзаното воведување на дигитални алатки во наставата, поттикнување на женското учество, унапредување на соработката со европските партнери преку конкретни мерки за повратна миграција и приклучување на дијаспората во локалниот економски развој се дел од препораките кои беа споделени на панелот.

Семинарот имаше значајно позитивно влијание за учесниците и дискутантите со тоа што истиот претставуваше можност за поврзување на високото образование, бизнис секторот и владините институции за ко-креирање ефективни препораки и стратегии. Тоа покажува дека холистичкиот пристап кој се базира на национална и меѓународна соработка може да придонесе кон адресирање на прашањата за миграција и успешно справување со предизвиците со кои се соочуваат современите пазари на труд и образовните системи.

ПРЕПОРАЧАНО