Економија
Светските цени на храната пораснаа во февруари
07.03.2025
Светските цени на храната пораснаа во февруари во споредба со јануари, особено цените на шеќерот, кои се зголемија за 6,6 отсто, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Вкупната вредност на светскиот индекс на цените на храната (FFPI) за февруари се зголеми за 8,2 отсто на годишно ниво. Вредноста на светскиот индекс на цените на храната (FFPI) за февруари изнесува 127,1 поен, што е зголемување за 1,6 отсто во однос на јануари, соопшти ФАО. Резултатот е последица на месечниот раст на вредностите на индексите во категориите шеќер, млечни производи, растителни масла и житарки, со благ пад на цените на месото.
Индексот на цените на шеќерот се зголеми за 6,6 отсто на 118,5 поени. Цените на шеќерот и натаму се за 15,8 отсто пониски во однос на истиот месец лани.
Просечната вредност на индексот на цените на млечните производи се зголеми месечно за четири отсто во февруари на 148,7 поени, додека на годишно ниво растот е 23,2 отсто. Месечни поскапувања се забележани во сите категории млечни производи, пренесува „Политика“.
фото freepic