Економија
Димитриеска-Кочоска: Економијата повеќе не е во стагнација
07.03.2025
Економијата повеќе не е во стагнација. Државниот завод за статистика објави податоци за неколку сегменти од економското дејствување во Македонија преку кои веќе почнуваат да се гледаат видливи резултати од нашата работа, ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција.
Таа посочи на податоците објавени од Државниот завод за статистика кои евидентираа намалuвање на стапката на невработеност на историски најниско ниво од 11,9%, зголемување на вработеноста на 46,2%, раст на индустриското производство од 1,4% во јануари 2025 година, раст на извозот за 5%.
- Тоа значи дека 13.067 илјади нови вработувања се реализирани на годишно ниво односно споредено со истиот квартал претходната година, што е економска поткрепа за нововработените лица и еден показател дека во компаниите се создал раст кој поттикнал отворање нови работни места, а тоа во 4 - от квартал од 2024 година се регистрираше и преку остварениот раст на БДП од 3,2%, рече министерката.
Според министерката клучно е дека за овој процес да се покрене, а имајќи ги предвид достигнувањата на економијата во првите два квартала од 2024 година, е создавањето предуслови за сигурно бизнис опкружување кое влијае на реализација на инвестиции, отворање нови работни места и повисок стандард. Дополнително ова е клучно и за привлекување и реализација на странски директни инвестиции за кои минатата недела објавивме дека во 2024 година е реализиран историски највисок износ од над 1 милијарда евра.
Таа изрази очекувања дека ваквите тенденции ќе продолжат и во наредниот период и дека ќе се оствари стапката на раст за оваа година која е проектирана на 3,7, имајќи ги предвид и сите ризици, информираат од Министерството за финансии.