Економија

Колку ги сакаме „своите“ наспроти туѓинците?

Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Кога ќе се споменат економистите повеќето читатели со право помислуваат дека нивните истражувања се насочени кон производството, надворешната трговија, инвестициите, парите, каматните стапки, девизните курсеви и слични теми. Меѓутоа, веројатно, ретко кој помислува дека во описот на работата на економистите влегуваат и бројни неекономски теми како: криминалот, фертилитетот, загадувањето на животната средина, односот на полицајците и судиите кон прекршителите на законот, бременоста кај тинејџерките, вакцинацијата против заразните болести, мајчинството и кариерата, нискиот раст на децата во Индија и други необични и „егзотични“ теми.

Во оваа статија ќе дадеме краток осврт за едно истражување на алтруизмот кон туѓинците, т. е. припадниците на другите народи (Alexander W. Cappelen, Benjamin Enke, and Bertil Tungodden [2025]. Universalism: Global Evidence. American Economic Review, 115[1], 43-76). Оваа тема, иако спаѓа во областа на социјалната психологија, го привлекува интересот и на економистите бидејќи, покрај другото, припадноста кон одредена група и идентитетот имаат големо влијание и врз економското однесување на поединецот. Притоа познато е дека човекот покажува поголем алтруизам кон припадниците на сопствената група: на пример, повеќе сме блиски и имаме поголема доверба кон членовите на семејството отколку кон останатите или кон соседите и пријателите отколку кон непознатите.

Во текот на 2020/2021 година била спроведена обемна анкета на речиси 64 000 испитаници од 60 земји од сите континенти (10 земји од Западна Европа, 8 земји од Источна Европа и од Централна Азија, 7 земји од Средниот Исток и од Северна Африка, 11 земји од Јужна и од Северна Америка, 11 земји од Супсахарска Африка, 4 земји од Јужна Азија и 9 земји од Југоисточна Азија и од Пацификот). На испитаниците им биле поставени неколку прашања од кои основното е следново: „Замислете дека сте добиле илјада долари кои не можете да ги задржите за себе, туку мора да им ги поделите парите на две лица (кои се подеднакво богати) при што едното лице е припадник на вашата група (член на семејството, пријател, сосед, човек со иста религија како вашата или припадник на вашиот народ), а другото лице е туѓинец (жител на некоја друга земја). Во тој случај, како ќе ги распределите тие илјада долари меѓу двете лица?“ Дополнителното прашање е: „Замислете ја истата состојба. Како ќе ги распределите парите меѓу две лица од кои едното доаѓа од земјата А, а другото од некоја друга земја?“.

Според тоа, во првото прашање, испитаникот треба да одлучи како ќе ги распредели парите меѓу неговиот близок (брат, сосед или сонародник) и некој туѓинец (на пример, Германец, Кинез или жител на некоја друга земја). Во второто прашање, на испитаникот случајно му се наведува припадник на некоја земја (на пример, Унгарец) и од него се бара да ги распредели парите меѓу него и човек од која и да било друга земја. Притоа целта на првото прашање е да се оцени степенот на домашен алтруизам, односно во која мерка повеќе ги сакаме „своите“ наспроти туѓинците, додека со второто прашање се испитува степенот на универзализам, односно дали повеќе сакаме некои народи во споредба со други народи.

Најважните резултати од испитувањето се следниве: прво, степенот на алтруизам пресудно зависи од тоа на кого се однесува прашањето за припадниците на „својата“ група. Така, ако човекот треба да ги подели парите меѓу припадник на неговото семејство и некој друг, тој ќе го избере својот близок; ако, пак, треба да ги подели парите меѓу својот сонародник (или припадник на истата вера) и некој туѓинец, тогаш човекот покажува поголем алтруизам. Според тоа, кога треба да избираме меѓу своето семејство и другите, ние сме себични, а алтруизмот е присутен само при изборот меѓу луѓето од пошироката припадност и останатите луѓе. Сепак, дури и во тој случај, испитаниците одговориле дека повеќето од парите би им ги дале на своите сонародници, односно и тогаш доаѓа до израз идентитетот, т. е. чувството за припадност кон одредена група.

Сепак, испитувањето потврдува дека и во поглед на алтруизмот луѓето се многу различни. Така, една четвртина од испитаниците се целосно несебични, во сите случаи одговарајќи дека парите би ги поделиле подеднакво меѓу „своите“ и туѓинците. Од друга страна, речиси една петтина од испитаниците во сите случаи одговориле дека најголемиот дел од парите би им го дале на „своите“, додека на туѓинците би им дале најмногу 20 % од парите. Понатаму, резултатите од анкетата откриваат дека помладите луѓе и жените се поголеми алтруисти и универзалисти во споредба со повозрасните луѓе и со мажите при што овој заклучок важи во сите земји од примерокот, независно дали станува збор за развиени или неразвиени земји. Како големо изненадување е фактот дека резултатите од испитувањето не можат да ја потврдат претпоставката дека жителите на поголемите градови и пообразованите луѓе се поголеми алтруисти од останатите категории. Имено, ова е точно само за образованото градско население од Западна Европа, од Австралија и од Соединетите Американски Држави, додека образованите луѓе од другите земји се помали алтруисти.

Во продолжение испитувањето покажува дека не само што се разликуваат луѓето внатре во одделни замји туку и во поглед на алтруизмот постојат големи разлики меѓу жителите на различни земји. Така, во просек, најмал алтруизам покажуваат жителите на Кина, на Индија и на Израел, кои се подготвени на туѓинците да им дадат само четвртина од парите, додека најголемиот дел би им го дале на „своите“. Наспроти нив, најголем алтруизам покажале испитаниците во Етиопија, кои одговориле дека на туѓинците би им дале дури 46 % од парите. И воопшто, не само Етиопјаните туку и повеќето од испитаниците од африканските земји покажуваат висок степен на алтруизам (можеби затоа што повеќето од тамошните испитаници никогаш во животот не виделе илјада долари?!). Всушност, еден од најнеочекуваните резултати од истражувањето е негативната врска меѓу развиеноста на земјата и универзализмот, односно луѓето во посиромашните земји се поголеми алтруисти во споредба со луѓето од поразвиените земји.

Најпосле, авторите на ова истражување одат чекор напред и ја испитуваат врската меѓу алтруизмот и политичките погледи. Притоа основниот заклучок е дека луѓето кои се поголеми алтруисти истовремено се: поголеми приврзаници на државните мерки против нееднаквоста; повеќе се загрижени за светската отколку за домашната сиромаштија; слично на тоа, повеќе се грижат за заштита на светската отколку на домашната животна средина; покажуваат поголема толеранција кон доселениците од други земји (имиграцијата); и тие се помали поддржувачи на армијата и на вооружувањето. Сепак, и во поглед на овие заклучоци постојат значителни разлики меѓу одделни земји. На пример, горните заклучоци важат само за испитаниците од поразвиените земји, додека во земјите со низок и со среден доход нема никаква врска меѓу алтруизмот и политичките ставови. Уште повеќе, големи разлики се забележуваат и меѓу развиените земји, односно врската меѓу алтруизмот и политичките гледишта е двапати посилна во западните земји во споредба со Јапонија, со Јужна Кореја и со Израел. Според тоа, истражувањето покажува дека степенот на алтруизам не зависи само од нивото на економската развиеност туку голема улога играат и културните разлики.

ПРЕПОРАЧАНО