Интервјуа
Нема успех без посветен тим
Мега интервју со Весна Стојановска, претседател и член на Управен одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2025г.
Стандардот на пензионерите и големината на пензиите се отсекогаш актуелна тема во нашево општество. Годинава се навршуваат 20 години од пензиската реформа што е направена со воведување на пензиски систем со повеќе столбови. Сега имаме столб на задолжителен државен пензиски фонд, столб на приватни пензиски фондови за задолжително пензиско осигурување и столб на приватни пензиски фондови за доброволно пензиско осигурување. Што донесе пензиската реформа погледнато од денешна перспектива?
В. Стојановска: Да, изминуваат речиси две децении од официјалниот почеток на пензиската реформа со која беше воспоставен тростолбен пензиски систем со комбиниран начин на финансирање на идните пензии и со диверзификација на демографските и на економските ризици.
Реформата започна пред 20 години и донесе значајни промени во пензискиот систем. Главна цел беше обезбедување долгорочна стабилност и одржливост на пензискиот фонд и намалување на товарот врз државниот буџет.
Денес многу индикатори покажуваат дека реформата била повеќе од оправдана со оглед на демографската и на економската состојба.
Пензиската реформа, покрај намалување на фискалниот товар, има и позитивни ефекти врз правата на осигурениците. Тука би ги споменала: диверзификација на пензиските извори со што осигурениците имаат можност да акумулираат средства во приватни пензиски фондови, што може да доведе до повисоки пензиски примања. Секој осигуреник има флексибилност во изборот на фонд, а воедно и средствата му се заштитени бидејќи во приватните пензиски фондови се инвестираат според строги законски прописи, што обезбедува висок степен на сигурност и заштита на осигурениците. Воведувањето на наследната компонента е еден од бенефитите кои се на страна на сите членови. Се отвора можноста за повисоки пензии бидејќи со правилно управување и инвестирање на средствата, осигурениците можат да добијат повисоки пензиски примања и да го покренат нивниот животен стандард во третото доба.
КБ Прво пензиско друштво АД Скопје како еден од носечките чинители во капитално финансираното пензиско осигурување докажа дека сме способни и фудицијарно да управуваме со заштедите на пензиските осигуреници и да изградиме портфолио кое веќе надминува 1,2 милијарди евра (извор: КБ Прво пензиско друштво АД Скопје), а притоа успешно преминувајќи низ сите големи економски кризи што се случија во изминативе години.
Овие средства ги гледаме не само како заштеда на населението туку и за државава со оглед на тоа што ќе придонесат за значително намалување на трошоците за пензии на државниот ПИОСМ во иднина. Средствата континуирано се инвестираат со што влијаат за развој на целиот финансиски систем. Инвестираните средства во најголемите светски компании придонесуваат за искористување на потенцијалот на најголемите компании во светот и најголемите умови на денешницата, а преку растот на цената на акциите на компаниите и преку редовните дивиденди се зголемуваат овие средства, влијаејќи на пензиите на идните пензионери.
Како би го оцениле пензискиот систем во нашава земја? Дали сметате дека треба да се воведат одредени измени во законската регулатива и сл.?
В. Стојановска: Сметам дека реформата во пензискиот систем претставува една од најуспешните реформи во нашава земја, но и натаму постои простор за унапредување. За обезбедување одржливост неопходни се долгорочни стратегии. Кризата и финансиската волатилност во изминатиов период само ја нагласуваат потребата од мултифондови. Средствата на повозрасните членови треба да бидат насочени кон поконзервативни портфолија каде што доминираат обврзниците со цел да се заштити нивниот капитал, додека портфолиото на помладите членови со подолг инвестициски хоризонт да биде повеќе насочено кон акции и други хартии од вредност кои би имале поголем потенцијал за раст и на долг рок повисоки приноси. Ваков концепт веќе почна да се применува во Хрватска која има и најсличен пензиски систем на нашиов.
Годинава се навршуваат 20 години од основањето на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје и 15 години од започнување со работа на доброволниот пензиски фонд на Друштвото. Со кои предизвици се соочувавте во работењето во овој дводецениски период?
В. Стојановска: Овој систем почна да функционира во 2006 година. Ние и претходно бевме соочени со кризи како онаа во 2007 и 2008 година, која потоа се прелеа во 2012 година во таканаречена финансиска криза, па потоа дојдоа пандемијата од ковид-19, кризата во Украина...
Високата инфлација, промената на каматните стапки и другите случувања нас нè ставија во функција на приспособување за соодветно да се носиме со овие процеси. По реформата, македонскиот пензискиот систем е стабилен, но не е изолиран од економските случувања во земјава и на глобално ниво.
Со почетокот на воениот конфликт меѓу Русија и Украина настапи еден потурбулентен период во економијата и на пазарите, што се рефлектира преку пораст на каматите и голем пораст на инфлацијата. Во однос на овие предизвици, инвестициските стратегии се креирани на начин да ги амортизираат моменталните економски потреси и да се остварат солидни приноси на долг рок.
Деновиве актуелни се случувањата со трговските царини воведени од администрацијата на Трамп, кои предизвикаа турбуленции на финансиските пазари со големи падови на берзанските индекси и зголемена неизвесност. Но, и овој пат сметам дека со дисциплиниран пристап и софистицирани стратегии во инвестирањето ќе обезбедиме основа за долгорочни приноси во корист на нашите членови.
Покрај сите овие предизвици низ годиниве, денес слободно можеме да кажеме дека изградивме компанија која носи вредности за целото општество. Прераснавме во компанија која е синомин за долгорочен успешен партнерски однос и квалитетна акционерска структура со Прва осигурителна холдинг групација АД Љубљана (Skupina Prva zavarovalniski holding d.d. Ljubljana) и со Комерцијална банка АД Скопје, што обезбедува цврста стабилност и сигурност.
Нашата лидерска позиција во пензиското осигурување на македонскиот пазар веќе 20 години ја градиме преку транспарентен однос не само со членовите туку и со заедницата. Применуваме современи светски трендови и практики на инвестирање за што во изминативе години нè одликуваа со низа награди меѓу кои би ја споменале последната Награда за најдобрo пасивно управување со инвестициите за 2024 година доделена од страна на ИПЕ на престижната церемонија на европските награди на пензиските фондови. Наградата ја отслика нашата мудра, иновативна и внимателна имплементација на стратегиите за пасивни инвестиции заедно со силната инкорпорација на ЕСГ со што истовремено обезбедуваме финансиска сигурност за нашите членови.
КБ Прво е лидер на пазарот за пензиско осигурување во земјава. Што покажуваат податоците во однос на број на членови и на акумулирани средства и во двата фонда?
В. Стојановска: Да бидеме лидер на пазарот за пензиско осигурување е наша визија на која го темелиме нашето работење изминативе 20 години. Препознатливи по висока стручност и професионалност во работењето, достапни сме за членовите за сите прашања и информации поврзани со нивното членство.
Секако, нема успех без посветен тим. Тимот на КБ Прво го сочинуваат триесет и пет вработени, едуцирани и мотивирани вработени кои своите компетенции максимално ги вложуваат во насока на подобрување на квалитетот на услугата на клиентите. Дел од тимот се вработени уште од самото основање. Секако, покрај вработените, заслужни за самиот успех се и повеќе од 300 активни агенти на Друштвото кои секојдневно ги презентираат предностите на реформираниот пензиски систем и карактеристиките на вториот и на третиот столб за пензиско осигурување.
Членството во задолжителен и во доброволен фонд од самото основање, па сè до денес континуирано расте и согласно податоците од регулаторот МАПАС, заклучно со 31.3.2025 година, вкупниот број на членови и времено распределени лица во КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд – Скопје изнесува 282 573, додека вкупниот број на членови со доброволна индивидуална и/или професионална сметка во КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје изнесува 17 722 (извор: mapas.mk).

Колку е важно да има поголема финансиска едукација кај потенцијалните корисници кога станува збор за инвестирање на средства преку пензиски фондови? Со кои прашања се соочувате од граѓаните и каква е улогата на КБ Прво во подобрување на општата финансиска писменост во земјава?
В. Стојановска: Македонија е земја во која финансиската писменост не е на завидно ниво, што може да биде голем проблем кога се разгледува од аспект на пензиското осигурување бидејќи доколку не се препознаат придобивките од пензиското штедење во иднина може да има зголемување на социјалната несигурност и на трошоците на државава. Финансиската писменост треба да се гледа како финансиска слобода.
Секој поединец за да обезбеди финансиска слобода на одредена возраст треба да знае колку средства треба да има на таа возраст. Тоа значи дека денес треба да почне со некакви инвестициски активности и заштеди за да може на одредена возраст да каже дека е финансиски слободен и дека може да се пензионира.
Воедно Друштвото, заедно со МАПАС и со останатите пензиски друштва, има континуирани активности во насока на информирање на јавноста и доближување на предностите од реформираниот пензиски систем преку најразлични едукативни настани и информативни кампањи.
Одговорното EСГ-инвестирање е во фокусот на КБ Прво како општествено одговорна компанија. Што се презема во тој дел?
В. Стојановска: Сеопфатната потреба за итни мерки за заштита на животната средина и растечката свест за влијанието на деловното однесување врз општествените вредности ги поттикнаа компаниите и инвеститорите глобално да ги интегрираат факторите на општествена одговорност во своите деловни стратегии. Овој тренд е дополнително засилен од страна на меѓународни организации, на регулатори и на инвеститори кои бараат транспарентност, одржливост и етичко корпоративно управување.
EСГ, односно одговорното инвестирање претставува стратегија која при инвестирање ги зема предвид факторите поврзани со животната средина (Environmental), со општеството (Social) и со корпоративното управување (Governance) при носење на инвестициски одлуки. Овој пристап се разликува од традиционалното инвестирање што се фокусира исклучиво на финансиските показатели и на приносите така што EСГ-инвестирањето ги интегрира нефинансиските ризици и можности што можат да влијаат на долгорочната одржливост и на подобрување на односот принос наспроти ризик.
Позитивен пример на нашиве простори во имплементирање на EСГ, односно одговорното инвестирање е Друштвото кое како компанија која се стреми кон зголемување на свеста за грижа на животната околина е пионер на овие простори и во одговорното инвестирање. Фондовите со кои управува Друштвото над 50 % од инвестициите во странство ги вложува во индексни фондови со високорангирани EСГ-компании. Друштвото активно ги интегрира социјалната и управувачката компонента од EСГ-концептот. Се залагаме за посветеност кон тимот, нивна континуирана мотивација, како и подготвеност за вложување во нивно професионално надоградување. Сето ова овозможува да обезбедиме транспарентно етичко управување создавајќи одржлив и позитивен придонес за сите страни.
Како компанија преземаме иницијативи со кои активно придонесуваме за позитивно влијание врз животната средина, а тука би го споменала проектот „Замени засади“ со кој за секој заменет зелен плик по пошта во извештај по електронски пат засадуваме по една садница. Досега компанијата го има зголемено шумскиот фонд за 12 000 нови дрвца низ територијата на нашава земја.
Кога станува збор за придобивките за правни и за физички лица, кои се предностите на третиот пензиски столб во кој клиентите доброволно внесуваат средства?
В. Стојановска: Една од придобивките на реформата е воведувањето на доброволното пензиско осигурување. Тоа овозможува дополнително доброволно вклучување на сите постоечки членови од вториот столб, но и можност за вклучување на граѓани кои не се опфатени во првите два столба, како и организирање на професионални пензиски шеми од страна на правните субјекти.
Членството во третиот столб не ги обврзува членовите да уплаќаат однапред дефинирани износи секој месец, нема пенали во случај на неплаќање, средствата се наследни и можноста за нивно користење е најрано 10 години пред возраста за стекнување право за старосна пензија, односно 52 години за жени и 54 години за мажи. Сите овие предности го прават производот достапен и привлечен за помладата популација.
Денес сме сведоци дека и правните лица го препознаа производот и бенефитот од неговата примена во своите институции како дополнителен модел за наградување и за мотивирање на своите вработени, како и градење на долгорочна перспектива за нивниот тим. Со цел стимулирање на долгорочно штедење во третиот столб во делот на организирање на професионални пензиски шеми, актуелни се и одредени даночни олеснувања, односно расходите по основ на уплатен придонес во доброволниот пензиски фонд во една календарска година се даночно признат расход од аспект на данокот на добивка во висина до две просечни месечни бруто-плати исплатени во претходната година во РСМ.
Сепак, населението и правните лица сè уште потешко се одлучуваат за овој производ, но од друга страна нашите очекувања се дека на среден рок ни следува поинтензивен раст на бројот на членови и на средствата кои се вложуваат во третиот столб.
Каква е структурата на инвестираните средства согласно утврдените правила за инвестирање? Во тој контекст, како се одразуваат случувањата на пазарите на капитал во светот на приносите на приватните пензиски фондови во земјава?
В. Стојановска: Инвестирањето на средствата на пензиските фондови се спроведува согласно дефиниранaтa законска регулативa и интерните инвестициски политики кои имаат цел да ја минимизираат изложеноста на ризик и да обезбедат широка диверзификација на портфолиото. Најголемиот дел од средствата се алоцираат во инструменти со фиксен принос при што околу 60 % се вложуваат во домашни државни обврзници, што обезбедува стабилност и сигурност на приносите. Значаен дел од портфолиото, околу 30 %, се инвестира во странски акции преку инвестициски фондови – ЕТФ, додека остатокот е распределен во домашни акции, депозити и други финансиски инструменти.
Ваквата структура овозможува стабилен и долгорочен принос за идните пензионери со намалена изложеност на пазарните флуктуации. Иако глобалните случувања на пазарите на капитал имаат значајно влијание врз приносите на пензиските фондови, внимателната диверзификација и доминацијата на инструменти со фиксен принос значително ја намалуваат волатилноста на приносите во споредба со глобалните капитални индекси. Остварените приноси на фондовите во изминатиов период даваат основа дека сме на прав пат кон остварување на долгорочните цели на пензиската реформа.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mkтел. 02/ 32 24 229
Разговараше:
Митко Јовановски