Економија

Денеска се потпишува Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство

Договорот за стратешко партнерство меѓу владите на Република Македонија и на Обединетото Кралство, со кој се овозможува на располагање пет милијарди фунти за реализација на капитални проекти, ќе биде потпишан денеска во Лондон.

Договорот ќе го потпишат вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас, јави известувачот на МИА од Лондон.

- Можам со задоволство да кажам дека овие пет милијарди фунти или шест милијарди евра по овој состанок и дефинитивно се ставени на располагање на Македонија. Може да се користат за проектно финансирање, врзани се со проекти, што значи дека ќе носат додадена вредност за Македонија, изјави Николоски.

Тој потсети дека станува збор за проекти во делот на транспортот, здравството, образованието, енергетиката, технологијата, како и во областа на животната средина. Досега е разговарано за три сета на проекти што се веќе потврдени - брзата пруга на Коридор 10, од Табановце до Гевгелија, потоа изградбата на болниците во Кичево, Тетово и во Штип, и третиот изградба на медицински факултет и студентски дом во Штип.

Николоски кажа дека по потпишувањето на договорот влада со влада и по ратификацијата што ќе следи во македонското Собрание, ќе почнат и официјални разговори во однос на начините на финансирање и начините на реализација на овие проекти и за многу брзо време ќе објават детали по однос на нив.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО