Економија
Царините се огледало на нашето време
Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 01 мај 2025г.
Гледајќи ја „најглупата војна на царини“, ние всушност ги гледаме берзите во криза, ги пресметуваме милијардите и трилиони долари како горат, го мериме падот на БДП, но не го гледаме поширокиот и поголем феномен кој го произведуваат одлуките на Трамп врз светската економија и нашите животи.
Станува збор за разделувањето меѓу државата и пазарот, растурањето на западниот пар која си зададе задача да му даде насока на растот, одговорност на развојот, правила на прогресот, притоа постојано проширувајќи го периметарот на одново пронајдената слобода и иницијатива по падот на Берлинскиот ѕид.
Пред 30 години, на 1 јануари 1995 година, во Женева се раѓаше Светската трговска организација (СТО) која го означи симболичниот почеток на глобализацијата придружена со споделени правила, универзален пазар и ограничувања на економскиот суверенитет. Зборуваме за еден свет кој одлучи да се отвори по крајот на Студената војна и блоковските логики, кога постоеја трговски бариери меѓу двата дела на Европа, протекционизам и финансиски ограничувања кои го оневозможуваа слободното циркулирање на капиталот.
Така се создаде еден глобален систем на размена во кој, во 2002 година, се приклучи и Кина, така комплетирајќи ја конструкцијата на еден универзален пазар, слободен и конкурентен, пазар кој од 76-те земји основачи ќе се прошири на 166 држави и автономни царински територии, вклучувајќи 98 % од светската трговија, нешто што му даде конкретно значење на терминот „глобализација“.
Триесет години подоцна оваа конструкција паѓа во криза и денеска се подига еден нов ѕид. Современиот ѕид се царините кои се враќаат заедно со одмаздата на неопротекционизмот, каде што данокот ги заменува правилата, а царините се претвораат во нов критериум за регулирање на односите меѓу државите.
Иронијата е што сето ова се случува во Америка, земјата која го измисли современиот пазар до степен да го канонизира како последната идеологија која може да преживее за конечно да ја трансформира економската слобода во политичка слобода. И да не се залажуваме, кога Трамп ги носи своите непромислени одлуки, преку политички и извршни декрети, тој всушност удира врз слободата.
Напаѓајќи ги слободната трговија, конкуретноста, царинското разоружување и довербата во заедничките правила, Трамп всушност го вади од колосек кодексот на класичниот либеризам, ги занемарува предупредувањата на Роналд Реган да не се подигаат царините затоа што тие ги депримираат компаниите во нивната автономија да истражуваат, да иновираат, да се натпреваруваат и така се откажува од една воспоставена политика и доктрина, но и широко распространета и консолидирана култура која до вчера живееше во Земјата на Можностите.
Вистинското сквернавење на Трамп, сепак, лежи во фактот што кога ги одвојува државата и пазарот, фактички ги раздвојува двата субјекта кои на Западот му зададоа задача да ги гарантира и да ги интегрира политичките и економските слободи. Државата организирана како сублимат на претставничката и изборна демократија и слободната трговија и проток на добра и услуги, заедно со велферот, капитализмот и пазарот на труд, ги постави основите на западниот цивилизациски пакт кој ги спојуваше двете страни од Атлантикот.
Оттргнувајќи ја слободата од пазарот, Трамп суштински го задушува, го смалува и го пренасочува во средство за употреба и злоупотреба од страна на националистичката политика, додека сопствената популација ја залажува и ја замајува со наводни злоупотреби на штета на Американците од страна на Кинезите, на Европејците, на Канаѓаните или кој било друг кој на Трамп не му одговара. Пазарот на тој начин се претвора во непријател, откако претходно си го издигнал до „црква“, и се трансформира во симбол на суверенистичката тврдоглавост и самоволие кое не признава автономни динамики, туку само стриктно диригирана или делегирана слобода.
Заробениот пазар во канџите на суверениот политичар ја губи својата самодоволност и слободата да се развива според сопствените цели и се претвора во слуга на моќникот и на моќта за да одговара само на неговите цели и (зло)употреби, каде што се бара од капиталот и од компаниите да функционираат и да се определат според логиката на верност, на потчинетост и на услуги кои немаат ништо заедничко со ефикасноста и со развојот, туку само со политичките одлуки кои, пак, се надвор од економската логика и нејзините правила.
Се прави двојна штета, државата се откажува од правилата за кои смета дека може слободно да ги деформира, но така и го растура пазарот кој, наместо да биде државно регулиран, ќе биде само политички злоупотребуван и оставен самиот да се уништува. Тоа се случува кога пазарот се политизира и се суверенизира. Затоа што кога само пазарот командува и се наметнува врз легитимната моќ на државата, ние граѓаните стануваме само обични клиенти, но подеднакво е точно дека кога државата излегува од своите граници и го колонизира пазарот, тогаш граѓанинот станува само обичен поданик.
Но, злоупотребата на царините денеска се и вистинско огледало за состојбите во светот. Тие на Трамп не му користат само како преговарачка алатка со цел да ги промени резоните на трговијата на Америка со остатокот од светот, туку и како инструмент за трансформирање на сè уште круцијалната улога на САД во светската економија и во глобалните финансии, односно како средство за влијание и принудување во борбата за ресурси, за пазари и за технолошки примат. Со други зборови, му служат како оружје кое треба безрезервно да се користи во геополитичкиот натпревар, во рамките, но и надвор од рамките на стриктно економско-трговската сфера и аспекти.
Проблемот е што меѓународните економски односи, како и поширокиот геополитички поредок под кој потпаѓаат, имаат потреба од една главна и уредувачка сила. Тоа го потврдува историјата и за време на Големата депресија чие долго и штетно траење можеме да го сведеме на опаѓачката моќ и капацитет на Британија да функционира како глобален хегемон, како и на неподготвеноста и незрелоста на САД да го преземат нејзиното место. Од 1945 година наваму, преку бројните и различни кризи, почнувајќи од должничката латиноамериканска криза во осумдесеттите, па кризата „дот.ком“ во 1997 година, па онаа азијатската во 1998 година и сè до финансиско-економската криза од 2008 година, за сите овие кризи кои беа производ на трансакцискиот капитализам со американски печат, Америка на крај ја одигруваше стабилизирачката и уредувачка улога затоа што веруваше дека од тоа има корист. Денеска сме сведоци на бесната и дрска неподготвеност на Америка да продолжи да ја одработува таа стабилизирачка функција со што се ризикува и самиот свет да заглави во само уште поголем хаос. Проблемот е двоен и затоа што никој друг, а пред сè тука мислиме на Кина, нема намера да ја преземе улогата на стабилизирачки фактор од Америка, туку напротив − ќе си продолжи со својата дефлациска политика на прекумерен производен и извозен капацитет и на тој начин само ќе ги зајакне веќе постоечките трговски и финансиски тензии.
Америка прави двојно или тројно откажување од слободниот пазар, од слободната држава и од глобалната меѓународна економија. Се враќаме во едни диви, изолациски и протекционистички времиња, во едно време на колонијална економија и политика од која никој нема да излезе помоќен, а сите ќе завршат ослабнати и оштетени. Даноците, тарифите и царините се само огледало на нашето време и на тоа што следува допрва.