Економија

СОВЕТОТ НА АМБАСАДОРИ СО ПРЕПОРАКИ ЗА ИСКОРИСТУВАЊЕ НА ПЛАНОТ ЗА РАСТ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Советот на амбасадори денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија организираше тркалезна маса за Планот за раст на Западен Балкан, пред лидерскиот Самит во Скопје, чиј домаќин ќе биде премиерот Христијан Мицкоски, на кој се дефинираа повеќе препораки за подобро искористување на можностите од новиот План за раст на Европската Унија, во насока на зајакнување на регионалните економии во процесот на интегрирање пред се кон европскиот економски пазар.

Амбасадорот Зоран Јолевски, кој беше и модератор на тркалезната маса,  истакна дека приватниот сектор очекува од овој економски план за раст големи придобивки.

-Приближувањето кон единствениот пазар на ЕУ е мошне значајно, во предвид е и регионалниот заеднички пазар, којшто е вториот столб на овој план. Приватниот сектор даде некои предлози, на пример еден од интересните предлози е тоа што договорот преговара одредени спогодби со трети земји да се создаде можност земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да може да се приклучат на овие преговори, рече Јолевски.

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски истакна дека целта на Планот за раст чија вредност е шест милијарди евра е да му помогне на регионот социјално и економски да се приближи до ЕУ и да помогне во забрзување на процесот на приклучување на ЕУ и да ги поттикне економиите на Западен Балкан.

-Во моментов, економиите на Западен Балкан се на околу 35 проценти од просекот на ЕУ. Многу е важно е и да се има предвид дека земјите од ЗБ, еве да ја земам пример нашата земја, нашата Влада презема чекори да изнајде дополнителни средства за поголеми инфакструктурни проекти, кои ќе претставуваат посериозен придонес во развојот на економијата во поврзувањето на земјите од ЗБ, оцени Димитровски. 

Амбасадорот на Полска во земјава Мариуш Бримора истакна дека ЕУ е посветена на политиката на проширување, која има цел да ги постигне безбедносните цели на Унијата, и затоа, истакна, дека прашањето за проширувањето е во фокусот на интересот на ЕУ.

 

ПРЕПОРАКИ

од модераторот на тркалезната маса „Во пресрет на состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан за новиот план за раст на ЕУ за Западен Балкан“ организиран од Советот на амбасадори во Скопје на 4 јуни 2025 година

 

Новиот план за раст на Западен Балкан

1. Силно го поздравуваме Новиот план за раст на Западен Балкан (ЗБ) на Европската комисија со цел да ги приближи партнерите од Западен Балкан до ЕУ преку нудење на некои од придобивките од членството во ЕУ пред пристапувањето.

2. Имплементацијата на Новиот план за раст е исклучително важна и ќе придонесе за зголемување на економскиот раст, забрзување на социоекономската конвергенција, зголемување на конкурентноста на приватните компании и отворање нови работни места во Западен Балкан.

3. Реформските агенди усвоени од партнерите од Западен Балкан и одобрени од Европската комисија по позитивното мислење на земјите-членки на ЕУ се подеднакво важни и за граѓаните и за пристапувањето во ЕУ.

Единствен пазар

4. Го цениме ветувањето на ЕУ да понуди интеграција на партнерите од Западен Балкан во Единствениот пазар. Продлабочената економска интеграција на Западен Балкан во Единствениот пазар на Европската Унија е важен чекор во напорите за европска интеграција.

5. Интеграцијата во Единствениот пазар е важен чекор кон целосна интеграција на Западен Балкан во ЕУ и ги охрабруваме партнерите од Западен Балкан да го поттикнат усвојувањето на acquis за Единствениот пазар, како дел од процесот на интеграција во ЕУ.

6. Ја охрабруваме ЕУ што е можно побрзо и сеопфатно да ги разјасни процедурите за тоа како ќе се користи новиот инструмент за постепена интеграција во стратегијата за проширување за влез на земјата кандидат во Единствениот пазар.

7. Усвојувањето на acquis communautaire во однос на законодавството за Единствениот пазар е најтешкиот предизвик во секој процес на пристапување и затоа ги охрабруваме партнерите од Западен Балкан да ги искористат можностите што ги нуди новиот план за раст за Западен Балкан во овој поглед.

8. Партнерите од Западен Балкан треба да ги зголемат своите напори за усогласување со тековните и новите економски политики на ЕУ и да се подготват за економска интеграција.

Заеднички регионален пазар (ЗРП)

9. Владите на Западен Балкан треба да ги остварат сите цели предвидени во Акцискиот план за Заеднички регионален пазар (ЗРП) 2025-2028, усвоен на Самитот на Берлинскиот процес во октомври 2024 година.

10. Процесот и реформите за воспоставување на ЗРП треба да бидат целосно во согласност со прописите и стандардите на Единствениот пазар.

11. Воспоставувањето на ЗРП не треба да биде цел сама за себе, туку треба да биде во функција на постигнување на крајната цел, целосна интеграција на Западен Балкан во Европскиот економски простор.

12. Важно е да има јасна посветеност од партнерите на Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ, вклучително и Европската комисија, дека реформите за ЗРП се истовремено и за интеграција во Единствениот пазар.

 

Позиција на приватниот сектор

13. Приватниот сектор силно ги охрабрува владите да продолжат со спроведување на реформите што ги бара Новиот план за раст за Западен Балкан.

14. Извештајот на Eurochambres за проширувањето на ЕУ, врз основа на одговорите од бизнисите во земјите кандидати и потенцијални кандидати и од коморите низ ЕУ, нагласува дека компаниите од ЕУ и ЗБ силно ц ја поддржуваат постепената претпристапна интеграција во Единствениот пазар на ЕУ и ја нагласува потребата од јасна временска рамка, како и транспарентен и постепен процес со цел да се олесни подготовката на деловната заедница за пристапување во Единствениот пазар[1].

15. Хармонизацијата на режимите за надворешна трговија на партнерите од Западен Балкан со acquis на Единствениот пазар ќе донесе придобивки за компаниите од Западен Балкан и ќе ги намали трошоците од непотребни нетарифни трговски бариери.

16. Приватниот сектор ја поздравува одлуката на Владата/Министерството за финансии за хармонизација на царинските стапки. Приватниот сектор ја охрабрува Владата/Министерството за финансии да усвои акционен план за постепено хармонизирање на сите тарифини стапки и другите мерки за надворешна трговија со acquis на Единствениот пазар.

17. Приватниот сектор бара законодавството на Единствениот пазар за државна помош да биде инкорпорирано во националното законодавство на партнерите од Западен Балкан, особено во однос на подобните инвестициски трошоци. Ќе биде корисно доколку ЗРП ја регулира и оваа важна област.

18. Приватниот сектор очекува целосна имплементација на меѓународните сметководствени стандарди MSFI во сите области (без исклучок на поглавјата).

19. Ќе биде корисно доколку сите нови трговски и инвестициски договори на ЕУ со трети земји содржат клаузула за „договор за отворена трговија“. Тоа ќе им овозможи на партнерите од Западен Балкан да пристапат кон тие договори и ќе придонесе за диверзификација на нивниот извоз. 

Учество во работата на институциите на ЕУ и консултации со сите засегнати страни на општествата на Западен Балкан за новите економски политики на ЕУ

20. Силно го охрабруваме учеството на државните институции од партнерите на Западен Балкан, секогаш кога е можно, во релевантните тела на ЕУ во областа на економските политики и да даваат придонес во законските предлози и дискусиите за политиките.

21. Препорачуваме претставниците на владите на Западен Балкан да учествуваат на седниците на различните совети на ЕУ каде што нивните ставови можат да дадат вреден придонес во дискусиите за обликување на новите економски политики на ЕУ.

22. Ја охрабруваме Комисијата да ги разгледа позициите на приватниот сектор, како и економската состојба и паритетот на куповната моќ на потрошувачите во партнерите на Западен Балкан, и да ги вклучи во подготовката на новото европско законодавство во економската сфера.

23. Овој пристап ќе придонесе за подобра подготовка на владините институции, приватниот сектор и потрошувачите за интеграција во Единствениот пазар и ќе придонесе за создавање на сопственост врз реформите потребни за создавање на ЗРП, како и за пристапување кон Единствениот пазар.

ПРЕПОРАЧАНО