Економија
Швајцарската централна банка ги отфрла обвинувањата за наводни нефер трговски и валутни практики!
06.06.2025
Швајцарската национална банка (SNB) денес ги отфрли обвинувањата на САД за манипулација со валутата.
Министерството за финансии на САД повторно ја додаде Швајцарија на листата на земји под надзор поради наводни нефер трговски и валутни практики, но SNB тврди дека не манипулира со швајцарскиот франк.
- Не се обидуваме да спречиме прилагодувања на трговскиот биланс, ниту да обезбедиме нефер конкурентска предност за швајцарската економија, се вели во соопштението на швајцарскиот регулатор, пренесуваат денеска медиумите во светот.
По заострувањето на трговските односи и царините од САД , швајцарскиот франк се смета за безбедно засолниште во време на макроекономска или геополитичка неизвесност. Швајцарската валута порасна за 10% во однос на американскиот долар од почетокот на годината. Но во рамките на границите на Швајцарија, растечката побарувачка за франкот создава предизвици за креаторите на политиките.
Швајцарскиот франк последен пат се тргуваше за 0,2% повисоко во однос на американскиот долар, при што 1 долар вредеше околу 0,82 швајцарски франци.
Силниот франк врши дефлациски притисок врз Швајцарија. Како што валутата зајакнува, увозот кој има значајна улога во економијата на земјата - станува поевтин.
Инфлацијата во Швајцарија беше негативна во мај, а индексот на потрошувачки цени во земјата се намали за 0,1% во споредба со претходната година. Цените на увезената стока значително се намалија, за 2,4% во споредба со истиот период минатата година, откако останаа непроменети претходниот месец, објави Блиц.
фото freepic