Економија
ПОВИК до мали, микро и средни претпријатија, занаетчиите и преработувачите за доделување финансиска помош
11.06.2025
Министерството за економија и труд објави четири јавни повици за финансиска поддршка на деловните субјекти, со цел поттикнување на претприемништвото, зголемување на конкурентноста и унапредување на стандардите за квалитет кај микро, малите и средните претпријатија, како и кај занаетчиите.
Повиците се дел од реализацијата на Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средните претпријатија за 2025 година, како и од Програмата за поддршка на конкурентноста на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2025 година.
Од Министерството денеска соопштија дека е објавен јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на МСП за сертификација на системи за квалитет според ИСО стандарди. Предмет на јавниот повик е кофинансирање на 40% од докажаните трошоци, но не повеќе од 150.000 денари поединечно за секој апликант, за сертификација на системи за квалитет според ИСО стандарди.
Вкупно предвидени средства се 1.500.000 денари, а трошоците мора да бидат настанати во 2024 и 2025 година. Рокот за аплицирање е до 30.06.2025 година, а ако има повеќе барања од расположливите средства, износите ќе се намалат пропорционално.
Право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија од секторите C/B – Преработувачка индустрија (10-33.20), кои ги исполнуваат критериумите за активност, финансиска состојба и законска усогласеност.
Јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на МСП за сертификација на ХАЛАЛ систем Кофинансирање на 40% од трошоците за сертификација на ХАЛАЛ систем, но не повеќе од 150.000 денари по апликант. Вкупно се предвидени средства 1.500.000 денари и се покриваат трошоци направени во 2024 и 2025 година.
Право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија од секторот C/B – Преработувачка индустрија (10-33.20), кои ги исполнуваат условите наведени во повикот, а рокот за аплицирање е до 30.06.2025 година. При надминат буџет, средствата се намалуваат рамномерно.
Објавен е и јавен повик за субвенционирање на занаетчии за 2025 година Кофинансирање на 40% од трошоците за набавка на машини, алати и дизајн на нов производ, но не повеќе од 120.000 денари по барател. Вкупно предвидени средства се 3.000.000 денари и исто така трошоците мора да се направени во 2024 и 2025 година.
Право на учество имаат занаетчии и вршители на занаетчиска дејност регистрирани согласно Законот за занаетчиство, со позитивен резултат за 2024 и исполнети сите останати услови. Не се прифаќаат апликации од паушалци.
Рок за аплицирање е до 30.06.2025. Регионите со понизок БДП добиваат дополнителна поддршка.
Министерството за економија соопшти дека е објавен и јавен повик за надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти за развој на деловен субјект, производ и пазар, со кофинансирање на 50% од трошоците, но не повеќе од 500.000 денари по барател, за активности поврзани со: развој на деловен субјект, развој на производ и развој на пазар. Вкупно се предвидени средства од 5.000.000 денари и се покриваат трошоци направени во 2024 и 2025 година.
Право на учество имаат претпријатија од Преработувачката индустрија, со минимум 5 вработени на неопределено време. Еден барател може да аплицира за една активност, додека рокот за аплицирање е до 18.07.2025 година.
- Средствата се доделуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“ до исцрпување на буџетот. Роковите за аплицирање се до 18.07.2025 година, или до исцрпување на буџетот (прв дојден – прв услужен) Повеќе информации, критериуми и потребна документација може да се најдат на веб-страницата на Министерството за економија и труд: www.economy.gov.mk, се посочува во соопштението.