Економија

СВЕТСКИ ДЕН НА ВЕТЕРОТ, во „ветерната“ индустрија се вработени 370.000 луѓе во Европа

Светскиот ден на ветерот се слави секој 15 јуни.

Денот на ветерот се слави од 2007 со цел да се подигне свеста за важноста на ветерот како обновлив извор на енергија и неговата важност во трансформацијата на енергетските системи, декарбонизацијата и борбата против климатските промени. Фокусот на овогодинешниот Светски ден на ветерот е токму на луѓето кои работат во таа индустрија. Во иднина, на Европската Унија ќе ѝ бидат потребни повеќе од 200.000 обучени работници во секторот за енергија на ветерот

Денес, енергијата на ветерот е една од најевтините форми на производство на енергија во голем дел од светот. Глобалниот капацитет на енергијата на ветерот надмина еден терават во 2023 година. Минатата година беа додадени рекордни 127 гигавати, пишува порталот Balkan Green Energy News.

Според податоците од Извештајот за ветер за 2024 година објавен од Глобалниот совет за енергија на ветер (GWEC), Кина, САД, Бразил, Индија и Германија имале најмногу новоинсталирани капацитети минатата година.

Највисоката ветерна турбина е поставена на морското дно и е висока 260 метри. Иновациите во производството напреднале толку многу што сега имаме пловечки ветерни турбини, а наскоро можеме да очекуваме и фаќач на ветер на море.

Околу 20 проценти од потрошувачката на електрична енергија во Европа се произведува од ветерни електрани. Целта на Европската Унија е овој процент да биде 35 проценти до 2030 година, а над 50 проценти до 2050 година.

Во „ветерната“ индустрија се вработени 370.000 луѓе во Европа, а до 2050 година овој број би можел да достигне 600.000. Европа се соочува со голем предизвик бидејќи ќе мора да обучи повеќе од 200.000 луѓе за работа во оваа област, пренесува Данас.

ПРЕПОРАЧАНО