Економија
Димитриоска Кочоска: Не можеме да имаме никакво влијание на цената на горивата, тие се берзански производ
16.06.2025
Горивата се берзански производ на кој не можеме да имаме апсолутно никакво влијание, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска.
Владата, како што напомена, ќе ја следи ситуацијата, а засега цените не се премногу високи.
- Ќе следиме што се случува. Сме имале години кога сме имале многу високи цени, сега немаме премногу висока цена на горивата, но да видиме што ќе се случува. На берзанските производи Владата не може да има влијание зашто станува збор за цени кои се формираат на светските берзи, нагласи министерката, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на Договорот за финансирање на заедничките активности што ја организираа Министерството за финансии (МФ) и Канцеларијата на ООН во Скопје.
Во врска со планот за мерки што го најави премиерот пред два дена, Димитриоска Кочоска истакна дека би оставила Владата да информира кога ќе има нешто официјално.
Регулаторната комисија за енергетика денеска соопшти дека поскапуваат бензините и дизелот. Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од полноќ ќе се зголемат за 1,50 денари по литар.
Извор МИА