Економија

Европскиот начин на живот е загрозен ако не се зголеми продуктивноста, изјави шефицата на ММФ

Европа мора да го зголеми економскиот раст за да се справи со глобалните предизвици или ризикува да го изгуби својот начин на живот, изјави Кристалина Георгиева, директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

-      Во Европа, уживаме да бидеме „суперсила на животниот стил“. Ако не станеме попродуктивни, би можеле да ја изгубиме таа предност, изјави таа за Еуроњуз.

Клучната порака на ММФ е дека Европа мора да го забрза напредокот во рамките на единствениот пазар што овозможува слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе меѓу земјите-членки.

- Во Европа нема царински давачки, но тоа не значи дека нема пречки, регулаторни и други, рече Георгиева.

ММФ проценува дека регулаторните и другите бариери на единствениот пазар дејствуваат како да има царина од 44% за стоки, а дури и 110% за услуги.

Георгиева истакна дека во САД 70% од произведените стоки се пласираат на пазарот во други федерални држави, додека во Европа 70% од производството се троши во земјата каде што е произведено, а само 30% се извезува. Ова го ограничува растот, бидејќи пазарите остануваат помали и помалку конкурентни.

-Доколку Европа го комплетира единствениот пазар, во рок од 10 години БДП би се зголемил за 3%, истакна Георгиева.

За да се постигне напредок, ММФ препорачува намалување на регулаторната фрагментација, поддршка на мобилноста на работната сила, олеснување на прекуграничните банкарски спојувања, интегрирање на енергетскиот пазар и унапредување на развојот на Унијата на капитални пазари (УКП).

ММФ предвидува умерен раст на Еврозоната од 0,8% во 2025 година, кој би можел да се зголеми на 1,2% во 2026 година, објавува Инвеститор.ме.


фото freepic 

 

ПРЕПОРАЧАНО