Економија
Топлотните бранови влијаат на продуктивноста и на намалување на економскиот раст во Европа
02.07.2025
Tоплотнитe бранови низ Европа би можеле да го забават економскиот раст во Европа оваа година и да го намалат бруто домашниот производ (БДП) за половина процентен поен, покажа извештајот на Алијанц Рисрч.
Eкономските аналитичари од оваа компанија направија споредба на влијанието на еден ден со температури над 32 степени Целзиусови со половина ден штрајкови, објави Ројтерс.
Агенцијата истакнува дека во Европа, ваквите загуби на БДП би се движеле од 0,1 процентен поен за Германија до дури 1,4 процентни поени за Шпанија, каде што летните температури се за околу десет степени повисоки.
На глобално ниво, топлотните бранови би можеле да го намалат БДП за 0,6 процентни поени оваа година, соопштија од Алијанц.
Поради прекумерната топлина, Кина, Шпанија, Италија и Грција би можеле да доживеат загуби на БДП од речиси еден процентен поен, додека за Соединетите Американски Држави падот би можел да биде околу 0,6 процентни поени, а во Франција до 0,3 проценти.
Екстремните температури исто така ја намалуваат продуктивноста на трудот, а Меѓународната организација на трудот предвидува дека топлотниот стрес ќе го намали вкупниот потенцијален број на работни часови низ целиот свет за 2,2 часа до 2030 година.
Климатските промени ја зголемуваат фреквенцијата и интензитетот на топлотните бранови, сушите и шумските пожари и предизвикуваат далекусежни економски последици.
Загубите во продуктивноста поради топлината можат да се ублажат со структурни мерки за подготовка на градовите и прилагодување на работните места, пренесува Еуроњуз.