Економија

Мицкоски: Верувам дека ќе имаме најповолни услови за извоз во САД

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата изрази уверување дека земјава ќе биде во групата држави кои ќе имаат најповолни услови за да извезуваат на американскиот пазар. 

- Разговарано е со САД за можните царински олеснувања. Верувам дека ќе бидеме во групата земји кои ќе имаат најповолни услови за да извезуваат на американскиот пазар, рече Мицкоски. 

Американскиот претседател Доналд Трамп уште во април најави основна царина од 10 отсто за речиси сите увозни производи, со дополнителни „реципроцитетни“ царини за земји со трговски дефицити со САД. Овие мерки беа паузирани за 90 дена, рок кој истекува на 9 јули, пренесува МИА.

Се водат активни разговори за нови инвестиции во автомобилската индустрија, ИТ секторот, логистиката и агро-преработката. На  странските и домашни инвеститори, Владата им подава рака не само декларативно, туку суштински, низ институционална поддршка, предвидливи правила и директна комуникација, истакна премиерот Христијан Мицкоски, по денешната средба со Советот за странски инвестиции.

- Денеска одржавме исклучително важен состанок со Советот за странски инвестиции- тело составено од претставници на водечки странски компании кои веќе инвестираат во Македонија и кои со години ги следат економските политики во земјава. Во дијалогот разговаравме отворено за предизвиците, но и за потенцијалите што ги нудиме. Јасно е дека имаме промени кои мораме заеднички да ги продолжиме. Затекнавме една тешка слика и реалност која ја менуваме, истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи дека денес имаме економија која расте, индустрија која произведува, извоз кој се зголемува и инвеститори кои повторно гледаат шанса тука, дома, во Македонија.

- Реалниот раст на бруто-домашниот производ во првиот квартал од 2025 изнесува 3,2 проценти. Тоа не е случајност- тоа е резултат на стабилни политики и вредна работа; во периодот јануари- мај, извозот е зголемен за 3,15 проценти, додека увозот бележи раст од само еден процент. Тоа е знак дека стануваме поконкурентни, дека произведуваме повеќе и пласираме повеќе на странските пазари, рече Мицкоски.

Истакна дека индустриското производство во мај пораснало за 9,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година.

- Сè повеќе фабрики работат, сè повеќе линии се пуштаат, сè повеќе работници се враќаат во производните погони. Трговскиот дефицит е намален за 80-тина милиони долари во првите два месеци од вториот картал, тука зборуваме за месеците април и мај, што е намалување за 13 проценти споредено за истиот период од минатата година. И, конечно минатата година имавме странски инвестиции кои што имаат свој рекорд од 1 милијарда и 255 милиони евра, посочи премиерот.


 

Извор/фото МИА

ПРЕПОРАЧАНО