Економија
ПИСМАТА НА ТРАМП ЗА ПОВИСОКИ ЦАРИНИ СТИГНАА И ДО СРБИЈА И БиХ
08.07.2025
Трамп воведува високи царини од 30 отсто за производи увезени во САД за Србија и БиХ од 1 август, неизвесно дали и Македонија ќе добие писмо. Царините на Трамп стапуваат на сила од 1 август. Администрацијата на Трамп испрати „царински писма“ до десетици држави, а Македонија засега не е на списокот
САД од 1 август ќе воведат високи царини за увозот од најмалку 14 држави, меѓу кои се и две држави од Западен Балкан – Србија и Босна и Херцеговина. Според документите што Трамп ги објави на социјалната платформа Truth Social, увозот од Србија во САД ќе биде обремен со 35 отсто царина, а оној од Босна и Херцеговина со 30 отсто. Во писмата се наведува дека „овие стапки се дел од напорите за воспоставување пореципрочни трговски односи и за справување со националната криза предизвикана од огромниот трговски дефицит на САД“.
Писмата исто така предупредуваат дека секој обид за пренасочување на стоките преку трети земји (т.н. транзитна испорака) за да се избегнат царините, ќе резултира со примена на повисоката царинска стапка.
Во официјалното соопштение на Белата куќа се нагласува дека „Трамп ја користи царинската политика како моќна алатка за заштита на економскиот суверенитет на САД“. Се додава дека некои земји ќе добијат повисоки, а други пониски стапки во однос на оние најавени на 2 април, т.н. „Ден на ослободувањето“, објави Мета.
Во вчерашната изјава, Трамп најави дека ќе воведе дополнителни 10 отсто царини за сите земји што се приклучуваат кон „антиамериканските политики“ на групата БРИКС. Тој не прецизираше кои политики се сметаат за такви, но изрази цврста намера дека нема да има исклучоци. Засега не е познато дали Македонија ќе добие царинско писмо, и покрај тоа што неодамна донесе одлука за укинување на увозните давачки за сите производи од САД.
Акциите на Волстрит нагло паднаа во понеделник откако американскиот претседател Доналд Трамп објави зголемување на тарифите за увоз од 14 земји, вклучувајќи ги Јапонија и Јужна Кореја, со почеток од 1 август.