Економија
Европа мора да ја зајакне својата економска и индустриска база, изјави Фон дер Лајен
09.07.2025
Пред една година, во моите политички насоки, зборував за потребата Европа да изгради вистинска надворешна економска политика, но сеизмичкиот и револуционерен пресврт во глобалните економски односи во последната година ја направи таа потреба уште поакутна, истакна денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на дебатата во Европарламентот посветена на резултатите од јунскиот Самит на ЕУ.
- Но, секоја надворешна економска политика мора да започне дома, бидејќи прво треба да ја направиме нашата сопствена економска и индустриска база посилна и поотпорна на шокови, истакна Фон дер Лајен.
За да се оствари тоа, според неа, ЕУ работи на олеснување на растот на иновативните компании, подобрување на условите за инвестирање и намалување на трошоците за водење бизниси.
Фон дер Лајен се осврна и на трговските односи на ЕУ со САД, потенцирајќи дека Унијата претпочита договор за царините и ќе стои цврсто на тој став во преговорите со Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
- Имав добра размена на мислења со претседателот Трамп претходно оваа недела за да помогнеме во придвижување на работите напред. Бараме јасна рамка на која можеме да продолжиме да градиме. Значи, пораката е јасна. Се држиме до нашите принципи. Ги браниме нашите интереси. Продолжуваме со работата со добра волја. И се подготвуваме за сите сценарија, додаде Фон дер Лајен.
Таа истакна дека ЕУ смета оти царините се лоши за бизнисот и затоа работи на склучување трговски договори со истомислениците од целиот свет, наметнувајќи се како партнер на кој може да се смета и отворајќи огромни нови можности и пазари.
Според неа, инвестициите во одбраната се подеднакво важни, како за актуелните, така и за идните земји членки на ЕУ, бидејќи станува збор за заедничката безбедност и заедничкиот просперитет.
Извор/фото МИА