Економија
Зелената транзиција загрозува три милиони работни места на Западен Балкан
10.07.2025
Климатските промени во Западен Балкан, како и низ цела Европа, го загрозуваат здравјето, ги поткопуваат работните места, ја продлабочуваат нееднаквоста и ја оптоваруваат отпорноста на некои од најранливите економии, предупреди Мајлинда Брегу, комесар на Паневропската комисија за здравство и одржлив развој на Светската здравствена организација.
Во текстот „Климатските промени веќе го менуваат пазарот на трудот во Западен Балкан“ објавен на порталот на Светскиот економски форум, Брегу наведува дека речиси три милиони работни места во Западен Балкан се или директно изложени на климатски шокови или се загрозени поради зелената транзиција.
Како што истакна, се очекува земјите во регионот да изгубат до 16 проценти од својот бруто домашен производ поради влијанието на екстремните временски услови.
Брегу потестува дека само во 2014 година, поплавите уништиле повеќе од 51.000 работни места. Во 2024 година, поплавите во Босна и Херцеговина раселиле повеќе од илјада домаќинства и ги принудиле малите бизниси, кои едвај работеле, да се затворат.
Во исто време, црногорскиот брег се соочува со зголемен ризик од пожари и ерозија, во Македонија и Косово, топлотните бранови сè повеќе ја отежнуваат работата во руралните средини и градежништвото, додека во Албанија, каде што земјоделството го вработува секој трет работник, 15.000 хектари земјоделски култури беа изгубени само во една поплава во 2017 година.
Брегу изјави дека на регионот му е потребна зелена транзиција, но дека таа не смее да донесе нова нестабилност.
Таа наведува дека во Западен Балкан работат 16 застарени електрани на јаглен, кои ја загадуваат животната средина, и истакнува дека нивното затворање е климатски императив, што, сепак, може да значи социјален и политички земјотрес.
Повеќе од 29.000 работни места поврзани со јаглен се загрозени само во Србија и Босна и Херцеговина, а без план за транзиција, луѓето не само што ќе ги изгубат своите работни места, туку и својата иднина, предупреди Брегу.
„Ако регионот и Европа сакаат да напредуваат, зелената транзиција мора да се управува праведно. Вистинското прашање не е дали ќе станеме зелени, туку дали ќе ги оставиме сите зад себе или ќе ги оставиме најранливите“, заклучи Брегу, објави Бета.
фото freepic