Економија
ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ И ВО ЛЕТНИОТ ПЕРИОД, Владата прави анализи како ќе делува до крајот на месецот
17.07.2025
До крајот на месецов треба да биде познат моделот како ќе се реагира на зголемувањето на цените на прехранбените производи. Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите рече дека сеуште се прават анализи и дека се размисува за неколку пристапи, не откривајќи повеќе детали.
- Се уште се анализираат параметрите, имаме во голема мера јасни индикатори каде е базичната инфлација која влијае на конечната инфлација. Очекувам дека до крајот на месецов ќе го конципираме моделот и доколку продолжи овој тренд и во месеците што следат, ќе имаме мерки. Размислуваме неколку пристапи. Се консултираме со професори, и тие прават анализи, и ние правиме анализи и Пазарниот инспекторат. Разговараме и со маркетите така што треба еден заеднички пристап, да не се гледаме како различни страни, туку треба холистички да го гледаме проблемот за да дојдеме до трајно решение, рече Мицкоски на заедничката прес-конференција во Владата со министерот за локална самоуправа Златко Перински.
Според Мицкоски, многу поважно е да се види од каде се создава проблемот со зголемувањето на цените и тука да се реагира, наместо да се носат мерки на краток рок.
- Најголем дел од нашиот фокус е на базичната инфлација. Најлесно е да аплицираме мерка којашто на краток рок ќе даде резултат, но сега потемелно анлизираме за да видиме од каде се создава проблемот. Наш интерес како Влада е да имаме задоволни граѓани кои ќе имаат најниски цени во Европа, но прашањето е дали тоа во реалноста е можно. Ќе направиме се што е во наша моќ граѓаните, во рамки на нашите можности, да имаат најниски цени во Европа, но мораме да влеземе во базата, во основата, рече Мицкоски.
Tрошоците на живот во јуни се зголемени за 4,5 проценти на годишно ниво, а цените на мало за 3,7 проценти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објави МИА.