Економија

Италија се соочува со пад на БДП поради американските царини

Американските царини од 30 проценти за стоки од Европската Унија би можеле да го намалат италијанскиот БДП за 0,8 проценти во 2027 година, предупреди здружението Конфиндустрија.

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини од 30 проценти за увоз од ЕУ на 1 август, предупредувајќи на „цврстата“ позиција на Брисел во трговските разговори.

Доколку САД навистина ги воведат, вредноста на италијанскиот БДП би можела да се намали за 0,25 проценти оваа година, 0,59 проценти во 2026 година и 0,8 проценти во 2027 година, под услов ЕУ да не возврати со контрамерки, покажуваат пресметките на Конфиндустрија.

Брисел веќе подготви пакет мерки што предвидува царини за увоз на американски стоки во вредност од 21 милијарда евра, но го одложи нивното усвојување до 6 август. Проценката на консултантската фирма EY покажува дека американските царини од 30 проценти би го намалиле италијанскиот БДП за 1,4 проценти во периодот 2025-2026 година, при што економската активност ќе стагнира.

Зголемувањето на царинската стапка од страна на САД за еден процентен поен би значело загуба од 874 милиони евра за италијанските извозници, пресмета Конфиндустрија, без да го прецизира временскиот период.

Италија главно извезува машини, фармацевтски производи, автомобили и прехранбени производи како што се маслиново масло, тестенини, сирење и вино во САД, пренесува Пословни дневник.


фото freepic 

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано