Економија

Кои се причините за „царинското примирје“ меѓу САД и Кина?

Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, во вторникот изјави дека моменталната ситуација во трговските односи со Кина „функционира прилично добро“ откако двете најголеми економии во светот неодамна го продолжија примирјето во трговскиот спор околу царините. Минатата недела, Вашингтон и Пекинг го продолжија царинското примирје за уште 90 дена, одложувајќи го повторното воведување на троцифрени царини за стоки од двете земји до ноември.

Двете страни го објавија првото примирје во трговскиот конфликт во мај, по преговорите во Женева, кога се согласија за 90-дневна суспензија на царинските давачки за понатамошни преговори. Кинеските и американските претставници повторно се сретнаа кон крајот на јули во Шведска, по што американските преговарачи се вратија во Вашингтон со препорака претседателот Доналд Трамп да го одложи рокот за постигнување договор до ноември.

- Во моментов, поголемиот дел од нашите приходи од царина доаѓаат од Кина. Мислам дека моменталната ситуација функционира доста добро, рече Бесент во интервју за Фокс њуз, истакнувајќи дека американската и кинеската страна имале многу добри разговори и дека очекува кинеската страна да се врати на преговорите пред ноември.

Вашингтон го повикува Пекинг да престане да купува руска нафта со цел да го зголеми притисокот врз Москва како дел од преговорите за прекин на војната во Украина. Сепак, во петокот, Трамп изјави дека во блиска иднина не планира да го санкционира кинескиот увоз на руска нафта со дополнителни тарифи за увоз на кинески стоки во САД, објавува „Пословни дневник“.

Според анализата објавена на Свијет.хр, Трамп има неколку причини да биде „попустлив“ пред Кина. Имено, тој сака да избегне остар скок на цените оптоварени со тарифи, токму кога американските трговци ги полнат магацини со кинески увоз за важни празнични распродажби. Трамп, исто така, купува време за да преговара за поширок трговски договор што би можел да вклучува технологија, енергија и ретки метали.

Доминацијата на Кина на пазарот за ретки земни метали потребни за производство на сè, од електрични возила до системи за водење ракети, е веројатно најсилниот адут на Пекинг. Откако Трамп објави астрономски високи тарифи во април, Кина, која контролира околу 60% од светското производство на ретки  метали и речиси 90% од неговата преработка, воведе контрола на извозот на седум ретки елементи и трајни магнети, што сериозно влијаеше на американската индустрија, вклучително и на производителите на автомобили.Вашингтон, исто така, сака построги ограничувања за пристапот на Кина до напредни чипови за вештачка интелигенција (ВИ), пишува Дојче веле.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано