Lifestyle

ЛЕНИ РИФЕНШТАЛ

Игор Иванов

Авторот е режисер

 

 


„Не бев љубовница на Хитлер. Ниту национал-социјалист. Да бев, ќе се самоубиев, како Ева Браун.“ Ова го изјави Лени Рифенштал во сто и втората година од животот, кој згасна на 8ми септември 2003та.
По освојувањето на власта од страна на Национал-социјалистичката партија во 1933 година, германската влада воведува Министерство за пропаганда на чело со Џозеф Геблс. Медиумот наречен филм се воспоставува како клучна алатка во планот за индоктринација и пропаганда. Се бара врвен режисер кој би воспоставил систем на продукција и идеален формат на ова моќно оружје за хипноза на масите. Изборот паѓа на најголемиот помеѓу најголемите - Фриц Ланг. На средбата со Геблс, Ланг вели: не знам дали сте информиран, но јас сум по мајка Евреин, што значи дека сум Евреин. На ова министерот одговара: И да е така, имате среќа што зборувате со човек кој може да одлучи кој е Евреин, а кој не. Веднаш по овој состанок, Фриц Ланг со семејството нечујно заминува во САД. Заминуваат и речиси сите големи филмски автори, барајќи ја среќата во ветената земја - новиот филмски рај - Холивуд. На препорака од Хитлер, оваа чувствителна задача и е понудена на триесетгодишната германска убавица, чие име станува познато во јавноста по филмот „Сината светлина“, прикажан на филмскиот фестивал во Венеција во 1932тата, кој го потпишува како режисер, а ја толкува и главната роља. За разлика од Ланг, Лени ја зграбува шансата во која гледа огромен предизвик. Добива отворен буџет и неограничени ресурси за да ги сними најдобрите пропагандни филмови во историјата.


Скоро потоа, низ цела Германија и Италија, но и во Франција, Британија и Сад, кината ги прикажуваат моќните паради на Хитлер, партијата и Вермахтот. Овие филмови во Германија го подигнуваат моралот на највисоко ниво. Во Франција и Британија пак расте загриженоста, тие предизвикуваат страв и индиспонираност.
Навидум, тоа се репортажи. Но вистината е сосема друга. Тоа се грижливо осмислени пропагандни филмови, кои само треба да наликуваат на репортажи. Најпознатиот меѓу нив „Триумф на вољата“, во кој е документиран конгресот на нацистичката партија и најмоќниот говор на Хитлер во неговата политичка историја е речиси чиста филмска конструкција, изведена толку добро, што и денешниот гледач тешко би ја разоткрил. Парадите се враќани десетици пати. Марширањето е конструирано и монтирано. Најубавите и најлични национал-социјалисти се во преден план, тоа се еден вид статисти со задача. Видните членови на партијата: Геринг, Гебелс, Хес, Химлер се снимани посебно, вон текот на конгресот. Ним им се давани индикации за како да се однесуваат, тие практично се во улога на актери. Говорот на Хитлер е грижливо монтиран и преуреден. Сниман е со специјални леќи, од посебен благ долен ракурс, за да се постигне посакуваната моќна лидерска става. Лени нарачува пожарникарски кран, за од висина и во движење да го сними настанот, по што кранот станува стандардна сценска техника во филмското производство. И покрај тоа што овој филм прикажува едено темно раздобје и е во функција на фашизмот, „Трумф на вољата“ е ненадминато филмско дело во сопствениот домен. Веќе осумдест години, тој е алфа и омега, парадигма на класичната политичка пропаганда.


Но Лени Рифенштал во сопствениот опус, остава уште еден, далеку повреден кредит. Таа е задолжена да го изведе првиот телевизиски пренос во живо во историјата на човештвото, олимпијадата во Берлин 1936та. Освен што треба да го супервизира отворањето, затворањето и протоколите, Лени го режира преносот. Поставката на камерите и реализацијата се изведени беспрекорно. И до денешен ден, олимписките преноси и сите останати масовни настани во својот фундамент ги содржат нејзините решенија.
По војната, Лени Рифенштал живее во Швајцарија, настрана од јавноста. Во 1954та на мала врата го исфрла „Тифленд“, романтичен филм за животот на една танчерка, во кој повторно се јавува и како главна улога. И на возраст од педесет и една година, изгледа совршено. Но филмот не доживува пласман, чадот од војната се уште се чувствува низ Европа, а нејзиното име е на црните листи. По ова, Лени Рифенштал целосно се повлекува од јавноста и тоа е нејзино последно филмско остварување.
Пред смртта, заминува за Африка и прави серија фотографии од племето Масаи. Оваа изложба сеуште патува низ светот, а во неа недвосмислено ќе ја препознаете нејзината специфична естетика, присутна и во „бизарната“ хитлерова пропаганда. Но овде ослободена од политички и историски контексти. Без стигма, само чиста уметност.

(септември 2015)

ПРЕПОРАЧАНО