Економија
Што очекувате во 2019 година? Антонио Аргир: ПОСАКУВАМ И ВЕРУВАМ ДЕКА СОСТОЈБИТЕ ВО ПОЛИТИЧКАТА СФЕРА ЌЕ СЕ СТАБИЛИЗИРААТ ШТО ПОСКОРО
Антонио Аргир
претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје
Финансиските проекции на меѓународните институции и на НБРМ посочуваат на очекуван растеж на ГДП од 2,6 % до 3,5 % за следнава година и стабилна инфлација од 2 %, што и покрај општата ситуација во земјава треба да бидеме оптимисти и да ги искористиме овие очекувања за раст. Јас посакувам и верувам дека состојбите во политичката сфера ќе се стабилизираат што поскоро, дека ќе зачекориме кон евроатлантските интеграции, а со тоа доминантното внимание и активности во 2019 година да бидат насочени кон економијата и пред сѐ создавањето поволни услови за водење бизнис. Верувам дека планираните инвестиции на централната и локална власт ќе се реализираат со забрзано темпо, што ќе придонесе и за зголемена економска активност и кај приватниот сектор кој е вклучен во нивната реализација или ќе ги искористи придобивките од инвестициите. Очекувам трендот на пораст на извозот да продолжи и особено кај нашите мали и средни претпријатија кои ги препознаа придобивките од работењето на конкурентските странски пазари, а со тоа и да продолжат да инвестираат во своите извозно оринтирани капацитети. Финансиските пазари последниве две години се во најповолна коњуктура со ниски каматни стапки за финансирање на бизнисот и на приватната потрошувачка, а банкарскиот систем е ликвиден и подготвен за финансирање проекти и би било многу добро тие услови да бидат адекватно искористени.