Економија
ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПО ПРИКЛУЧУВАЊЕТО ВО МЕЃУНАРОДНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ
Влатко Стојановски
Авторот е дел од Извршната канцеларија на Советот на странски инвеститори
Придобивките од започнатиот процес на интеграција на Македонија веќе се чувствуваат и дополнително ќе се интензивираат со влезот на Македонија во НАТО и започнувањето на преговорите со Европската Унија, што ќе ја зголеми довербата во македонската економија и ќе донесе повеќе странски инвестиции и нови работни места.
Во првото полугодие од годинава забележан е рекорден влез на странски директни инвестиции во Македонија од 327 милиони евра. Тоа е за трипати повеќе во однос на истиот период од минатата година. Забележан е раст на извозот од технолошко индустриските развојни зони за 17 отсто во споредба со ланскиот период од првото полугодие.
Бизнис-заедницата е едногласна во ставот дека на македонската економија ѝ е потребно што поскоро заокружување на процесите за членството во ЕУ и во НАТО.
Стабилноста од секој аспект – политички, економски, социјален и еколошки, е придобивка што по дефиниција е значајна за македонските фирми да се профилираат како доверливи партнери за соработка на кое било поле, како и за поголем прилив на странски директни инвестиции, сметаат од Советот на странски инвеститори.
ЧЛЕНСТВОТО ВО ЕУ И ВО НАТО САМО ПО СЕБЕ НЕ НОСИ ДИРЕКТНИ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ И ЕКОНОМСКИ ПРОСПЕРИТЕТ, ТУКУ ВО ГОЛЕМА МЕРА ПРИДОНЕСУВА ЗА ПОГОЛЕМА АТРАКТИВНОСТ НА ЗЕМЈАВА ЗА ИНВЕСТИЦИИ. СЕПАК СТРАНСКИТЕ ДИРЕКТНИ ИНВЕСТИЦИИ, ПРЕД СÈ, БАРААТ ДОБРО ДЕЛОВНО ОПКРУЖУВАЊЕ, ПРИЛАГОДЕНА ЗАКОНСКА РЕГУЛАТИВА ВО ОБЛАСТА НА ЕКОНОМИЈАТА И МОЖНОСТИ ЗА ЗАШТИТА НА КОНКУРЕНЦИЈАТА
Членството во НАТО ќе ѝ донесе на Македонија позитивни перспективи, посебно за бизнис-секторот, преку воспоставување на европските стандарди и полесен пристап на компаниите до ЕУ-пазарот. Најголемите трговски партнери на земјава се членки и на НАТО и на ЕУ.
Членството во ЕУ и во НАТО само по себе не носи директни странски инвестиции и економски просперитет, туку во голема мера придонесува за поголема атрактивност на земјава за инвестиции. Сепак странските директни инвестиции, пред сѐ, бараат добро деловно опкружување, прилагодена законска регулатива во областа на економијата и можности за заштита на конкуренцијата.
За придобивката од членството во ЕУ и во НАТО најдобро сведочи искуството што го имаа државите од Централна и Источна Европа, а кои сега се членки на овие организации.
Не постои држава од тој регион која станала членка на ЕУ и на НАТО и што не поминала низ еден период на зголемен економски развој, намалување на невработеноста и зголемување на бројот на странските директни инвестиции. Веруваме дека таков таков ќе биде и случајот со Македонија откако Македонија ќе стане членка на ЕУ и на НАТО.
Став на претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, Штефан Петер, е дека ако Македонија сега не ја искористи шансата и не стане дел од ЕУ и од НАТО, разочарувањето кај младите ќе се зголеми, иселувањето ќе се интензивира, ќе се намалат странските инвеститори, извозот и вработувањата, а можна е и нова политичка криза, како и закана по безбедноста.
ИНТЕГРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ Е ВО ИНТЕРЕС НА МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ, НА НАЦИОНАЛНАТА ЕКОНОМИЈА, НО И ЗА ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ЕВРОПА И НА ЗАПАДЕН БАЛКАН. ВО НАСОКА НА ИСПОЛНУВАЊЕТО НА ЕВРОАТЛАНТСКИТЕ АСПИРАЦИИ НА ЗЕМЈАВА, НАТО И ЕВРОПСКАТА УНИЈА СЕ ЕДИНСТВЕНА АЛТЕРНАТИВА ЗА ЗЕМЈАВА
– Ќе се изгубат и милијардата евра што ЕУ е подготвена да ѝ ги даде на Македонија по евентуалното членство, иницијативите за заштита на животната средина, врските со меѓународните универзитети и со е-инфраструктурата, оценува Петер.
Оценка на бизнис-заедницата е дека изминатава година економските состојби во Македонија се значително подобрени, а по евроатлантските интеграции се очекува бројките драстично да пораснат.
Членството во НАТО и во ЕУ ќе придонесе за поголема демократизација и подобро владеење. Земјите членки покажуваат поголем напредок во однос на кредибилноста на институциите, ефективност на владата, владеење на правото, слободата на изразување и контрола на корупцијата. Динамиката на реформите се забрзува со членството во НАТО и во ЕУ.
Членството во НАТО и во ЕУ придонесува за подобра бизнис-клима и подобар кредитен рејтинг за Македонија, односно земјите членки покажуваат побрз напредок во структурните реформи за подобрување на деловната клима и за развој на приватниот сектор. Стабилноста заедно со предвидливоста на политиките влијае и врз подобрување на кредитниот рејтинг на земјата и на зголемувањето на инвестициите. Пристапувањето во овие меѓународни заедници доведува и до зголемување на вкупните инвестиции во земјата. Безбедноста, стабилноста и поволната деловна клима ги охрабруваат домашните и странските инвеститори кои се поддржани и со зголемена кредитната активност на банкарскиот сектор. На пример, странските директни инвестиции во Естонија, во Латвија и во Бугарија се зголемиле трикратно во првите три години по членството во НАТО и во ЕУ, слично и во Албанија истата година при членството во НАТО, странските директни инвестиции се дуплираа.
Заокружувањето на процесот на евроатланските интеграции е проследено со тренд на отворање нови работни места и намалување на невработеноста. Новите инвестиции креираат нови работни места кои проследено со инвестиции во новото знаење и технологија (ноу-хау (know-how)), како и реформите во образованието ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на домашната економија. Статистиките го потврдуваат ова со забрзан тренд на намалена невработеност по членството во ЕУ и во НАТО.
Интеграцијата на Македонија во ЕУ е во интерес на македонските граѓани, на националната економија, но и за перспективите на Европа и на Западен Балкан. Во насока на исполнувањето на евроатлантските аспирации на земјава, НАТО и Европската Унија се единствена алтернатива за земјава.
(Економија и бизнис, печатено издание, октомври 2018)