Економија
ДЕВИЗНИОТ ПАЗАР ВО РМ ОСТАНУВА СО ГОЛЕМ ПРОМЕТ, НЕВРАБОТЕНОСТА ВО САД НАМАЛЕНА, НОВ ПРОБЛЕМ ВО ЕУ – ИТАЛИЈА Е ПРЕЗАДОЛЖЕНА
Борче Стаменковски
Авторот е Раководител на средства, ликвидност и тргување во Капитал Банка, Скопје
Прометот на девизниот пазар останува на високо ниво. Во вкупниот промет еврото учествува со околу 81 %, американскиот долар со околу 13 %, а останатите валути вкупно опфаќаат околу 6 % од вкупниот девизен пазар.
Во просек, во октомври истргувани се 35,9 милиони евра дневно на девизниот пазар. Понудата од овластените менувачници и реалниот сектор е на високо ниво, побарувачката намалена, големите компании ги редуцираат купувањата од сезонски причини. Кај деловните банки, НЛБ Банка, Комерцијална банка, Шпаркасе банка и Охридска банка се на страната на понудата на ЕУР/МКД, а Про-кредит банка и Халк банка се купувачи, но со намалени износи. Курсот на тргување меѓу банките е во тесен опсег 61,47-61,48. На крај на месецов се забележува зголемена активност од страна на банките со цел „пеглање“ на отворената девизна позиција (ОДП) која, од друга страна, има влијание на стапката на адекватност на капиталот.
ПРОМЕТОТ НА ДЕВИЗНИОТ ПАЗАР ОСТАНУВА НА ВИСОКО НИВО. ВО ВКУПНИОТ ПРОМЕТ ЕВРОТО УЧЕСТВУВА СО ОКОЛУ 81 %, АМЕРИКАНСКИОТ ДОЛАР СО ОКОЛУ 13 %, А ОСТАНАТИТЕ ВАЛУТИ ВКУПНО ОПФАЌААТ ОКОЛУ 6 % ОД ВКУПНИОТ ДЕВИЗЕН ПАЗАР
На меѓународен план беа објавени информациите за стапката на невработеност во САД, која за месец септември е 3,70 % и е пониска од очекуваната 3,80 %. Очекуваниот раст на ГДП за 2018 година според новите проекции се очекува да биде 3,10 % и е повисоко проектирана во однос на јунската проекција кога се очекуваше растот на ГДП да биде 2,80 %. Основната стапка ФЕД ја зголеми на септемврискиот состанок и сега изнесува 2,25 % на годишно ниво, а до крај на годинава се очекува да биде 2,40 %. Бројките се највисоки од 2008 година, движењата кои ги најави уште гувернерката Јелен (Yellen) на крајот од 2017 година сега стануваат реалност. На состанокот на ФЕД во месец септември гувернерот Џером Волкер (Jerome Walker) даде сигнал за нова рунда на каматни зголемувања во 2019 година и каматната стапка би можела да порасне до 3,10 % во нареднава година.
Во Европа ситуацијата со зголемениот национален долг на Италија е главен двигател на цената на еврото. Имено италијанската влада предложила зголемено трошење во буџетот за наредната година за да иницира зголемен раст на економијата, а со тоа и пораст на националниот долг кој моментално е 130 % од ГДП, а според правилата на Европската Унија не треба да надмине 60 % од ГДП. Италија се соочува со намалување на кредитниот рејтинг од рејтинг агенциите, а со тоа и голема продажба на нејзини хартии од вредност на меѓународниот пазар, а во меѓувреме треба да го објасни пред Европската комисија нејзиниот зголемен предлог-буџет за следната година, кој може да биде одбиен.
(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2018 година)