Економија
ЗОШТО ВО ГОДИНАТА ПРОГЛАСЕНА ЗА ГОДИНА НА ЕКОНОМИЈАТА НИ Е ПОТРЕБЕН ДОГОВОР МЕЃУ ЈАВНИОТ И ПРИВАТНИОТ СЕКТОР?
Бранко Азески
Авторот е претседател на Стопанската комора на Македонија
Дали е тоа темелниот принцип од кој треба да стартуваме?
Годината прогласена за година на економијата не ја започнав со посета на некоја компанија, туку бев домаќин на промоцијата на книгата „60 години Витаминка“. Компанијата Витаминка АД – Прилеп е парадигма за развојот на нашата економија и за животот на еден од најстарите наши менаџери, г. Симон Наумоски. Годината кога славиме 97 години од основањето на Стопанската комора на Македонија, Витаминка прослави 70-годишен јубилеј, а г. Наумоски 44 години успешно работење во компанијата. Сите три годишнини се за почит. Големата сала во Комората беше претесна за огромниот број бизнисмени кои дојдоа да го проследат овој настан. Од излагањето на г. Наумоски за мене највпечатлив беше делот за тоа кога е моментот на прераснување на Витаминка од обичен погон за производство на пипер во најголемата прехранбена индустрија во Македонија. Според него тоа е моментот кога одлучил да донесе кадар кој е способен да го направи тој пресврт.
Првата посета оваа година ја направив во Регионалната комора со седиште во Кавадарци, нашата најуспешна извозно ориентирана општина во која се наоѓаат нашите најголеми извозни капацитети: Фени Индустри, Дрекслер Мајер, ИГМ трејд, Винарската визба „Тиквеш“, Алајанс Уан Македонија и многу други.
Бидејќи сме на почеток на годината, а овој простор е посветен на реалниот сектор, мислам дека е значајно да напоменам што е темелната основа за егзистенција и за развој на ваквите успешни компании. Тоа е потребата од склучување договор меѓу јавниот и приватниот сектор каде што јасно ќе се разграничат правата и обврските на двете страни. Предвидливоста е од клучно значење за бизнисот и затоа е потребно да се нормира систем што ќе гарантира дека нема да се случуваат исклучоци кои би биле изненадување за која било од двете страни.
Наједноставно кажано, со ваков договор секој треба да си го знае своето место во системот – каде престанува мешањето на државата во приватниот сектор, но и кои се обврските на приватниот сектор спрема државата и како ќе се спроведуваат тие за да бидат ставени во функција на економскиот развој. Менаџерите и сопствениците на капиталот се свесни дека мораат да ги исполнуваат своите обврски кон државата, вклучувајќи го особено плаќањето на јавните давачки, но истовремено сакаат да бидат уверени дека тие средства ќе бидат искористени во интерес на бизнисите и на граѓаните.
За ваквиот наш предлог можеби најдобра потврда и пример може да се најде во Германија, една од најсилните економски системи во светот и најголемиот трговски партнер на Република Македонија. Повоениот германски договор меѓу капиталот и трудот (односно меѓу германското општество и капиталистичкото стопанство) се темели на ограничената мобилност на факторите за производство преку државните граници. Со зголемување на мобилноста на капиталот и на трудот се остварува минимизирање, дури и престанок на контрола на државата врз понудата на трудот и пазарот на труд, и доаѓа до раскинување на долгорочните односи меѓу претпријатијата и банките. Значајно е што големо влијание на политиката имаат и многубројните коморски организации и здруженија. Посебно е за подвлекување што организираните интересни групи, вклучувајќи ги тука и коморите, добиваат и преговарачка сила која, де факто, се претвора во право на вето така што значајни промени во општеството, на сите нивоа, не се добредојдени ако тие негативно се рефлектираат на позначајните интересни групи. Пристапот на консензус во германското општество, што често го споменуваат нејзините државници и во меѓународни рамки, е всушност примена на таканаречениот Паретов критериум за зголемување на ефикасноста во системот – барем еден добива, ама никој не губи!
ЕФИКАСНОСТА ПРЕКУ КРИТЕРИУМОТ НА ПАРЕТО
Концептот на ефикасноста развиен од Вилфредо Парето се базира на следниве три принципи:
- суверенитет на потрошувачите, кој означува дека преференциите на индивидуалните субјекти се независни и се почитувани;
- забрана за патернализам, која означува дека за општеството е важна корисноста која ја добиваат индивидуалните субјекти, додека корисноста на општеството како целина не е цел самата за себе;
- едногласност, која означува дека за промените на одлуките за алокација на ресурсите е потребна согласност на сите субјекти.
Ефикасноста преку критериумот на Парето, од аспект на граѓанската парнична постапка, е обработена и во докторската дисертација на Татјана Штерјова, директор на Дирекцијата во Стопанската комора на Македонија, „Ефикасност на постапките за колективна заштита на правата“.
Ефикасноста на системот, дефинирана преку критериумот на Парето, означува дека секоја промена во системот која ја подобрува положбата на еден субјект во општеството без да ја влоши положбата на кој било друг субјект ја означува состојбата на Парето подобрување. Ситуацијата кога е постигната состојба во која положбата на еден субјект не може да биде подобрена без да се влоши положбата на некој друг субјект претставува Парето оптимална состојба која означува состојба на ефикасност на системот.
Овој мој предлог е на маса од пролетта 2016 година, но, за жал, поради случувањата не доживеа сериозна дебата. Мислам дека сега е моментот сите чинители на економските политики во Република Македонија најсериозно да пристапиме кон воведување на овој принцип во текот на годината како темелен принцип на економскиот напредок кој ни е прекупотребен.
П. С. Стопанската комора на Македонија, како најстара и најголема бизнис-асоцијација во државава, како и секогаш најактивно ќе се вклучи во активностите кои годинава треба да ја одбележат како година кога сме постигнале општествен консензус за развојот на бизнисот, како суштинска потреба на нашето опстојување. На 7.2.2019 година, Стопанската комора на Македонија ќе излезе со свои ставови како и на кој начин ќе учествува во активностите за кои се залагаше во изминативе 27 години. За три години, на прославата на 100-годишнината од формирањето на Стопанската комора на Македонија, би сакале да ги видиме и конкретните резултати изразени во бројки, но и задоволството на нашите компании во создавањето на едно многу подобро опкружување за нивното дејствување.
(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2018/јануари 2019)